Шумахер се бори за „Гран при на својот живот“
3 јануари 2014Црвеното знаме на клубот Скудериа Ферари се забележува и низ сивилото на француските Алпи. Фановите тивко бдееја во чест на својот идол Михаел Шумахер. Пристигнувањето на „тифозите“ делуваше како зрак на надеж пред универзитетската клиника во Гренобл. Сепак,ниту приврзаниците на Ферари не можеа да ги растераат темните облаци полни со дожд и грижите поради здравствената состојба на светскиот рекордер во Формула 1.
Здравствената состојба на Шумахер се чини не е променета ниту на петтиот ден по неговата несреќа што се случи при скијање во спортското зимувалиште Мерибел. Последната информација стигна пред два дена. Според нејзе, Шумахер и натаму се бори за својот живот, но состојбата е стабилна. Неговата менаџерка Сабине Кем најави дека ќе даде нова информација тогаш кога ќе има да соопшти нешто ново.
Уште пред пристигнувањето на „тифозите“ во Гренобл, патот низ насобраните новинари до клиниката го пробија сопругата на Шумахер, Корина, татко му Ролф и брат му Ралф. Семејството Шумахер го придружуваше и претседателот на Светската автомобилска федерација Жан Тот, кој е поранешен извршен директор на Ферари. Освен тоа, Скудериа Ферари на својата интернет страница напиша: „Денеска има двојна причина да му се посака се‘ најдобро. Форца Михаел!“.
Михаел Шумахер со Ферари освои пет од своите седум светски титули. Сега, на својот 45-ти роденден, во Гернобл се бори за „Гран при на својот живот“. Неговите фанови, собрани на паркиралиштето пред болницата, се обидоа да му предадат на семејството подароци и писма, но беа запрени на половина пат до влезот на болницата.
Вообичаено, семејството Шумахер го прославува роденденот на идолот во Формула 1 во куќата во Мерибел, недалеку од местото каде што се случи несреќата, при која Шумахер доби тешки повреди на главата и мораше да биде ставен во вештачка кома. Тој сега е на одделението за интензивна нега и го чува посебен безбедносен тим. Телото на најдобриот возач во историјата на Формула 1 и натаму се одржува на пониска температура од нормалната за да се намали притисокот во главата. Досега Шумаер беше опериран двапати.