1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штутгарт и Вердер кандидати за испаѓање од лигата

31 јануари 2011

Врвот на табелата во Бундеслигата полека го добива вообичаениот изглед. Зад извонредната Борусија (Д) се зацврстија Бајер и Бајерн. Но на дното, со сериозни проблеми се соочуваат великаните Вердер и Штутгарт.

https://p.dw.com/p/107iX
Напаѓачите на Штутгарт и натаму се во лоша формаФотографија: dapd

Неделата беше лош ден за фудбалерите на Штутгарт. Прво немаа среќа, а потоа им се случи и малер. Примија гол од Фрајбург пред самиот крај на првото полувреме, а во второто промашуваа неверојатни шанси. Притоа и судијата ги оштети, откако не досуди чист пенал пред крајот на мечот, а Мартин Харник успеа да промаши празен гол од два метри. Поразот од 1:0 разбирливо го исфрустрира тренерот Бруно Лабадија.

„Повеќе од видливо беше дека тимот имаше желба за победа. Имавме две големи шанси преку Шиплок и Харник. Не ни беше досуден и чист пенал. Почист пенал од тоа не може да биде, но ние тука ништо не можеме. Судијата всушност судеше многу добро. Лути сме затоа што заслуживме повеќе“, рече Лабадија.

Arjen Robben im Streit mit Thomas Müller
Ѕвездите на Бајерн, Милер и Робен се фатија „за врат“ за време на мечот против ВердерФотографија: dapd

Штутгарт остана претпоследен на табелата, но сега со ист број бодови како фенерџијата Борусија Менхенгладбах, чии играчи во неделата однесоа неочекувана победа на гостувањето кај Ајнтрахт.

На другиот крај, по 20-то коло табелата има очекуван изглед. Лидерот Борусија Дортмунд уште еднаш се претстави во шампионско светло, совладувајќи го Волфсбург со 3:0, што беше 10-та победа во 11-то гостување сезонава за тимот на Јирген Клоп.

Бајер и Бајерн се зацврстија во врвот на табелата

На второто место се зацврсти Бајер Леверкузен со победата над Хановер од 2:0. За првпат пред домашните навивачи во првиот тим беше поранешниот капитен на репрезентацијата Михаел Балак.

„Се радувам што денеска одигравме добро и стигнавме до победата. Со тоа се зацврстивме на втората позиција на табелата. Денеска имавме тежок натпревар, но задоволни сме што стигнавме до трите бода“, рече Балак.

Shinji Kagawa im Rollstuhl
Ѕвездата на Борусија (Д), Шинџи Кагава ќе го пропушти вториот дел од сезоната поради повредаФотографија: picture-alliance/dpa

Хановер падна на петтата позиција на табелата. На третото место е Бајерн Минхен со 14 бода заостанување зад Борусија. Тимот на Луис Ван Гал славеше на гостувањето кај Вердер со 3:1.

„Не беше едноставно. Во средата игравме против Ахен во купот, и тоа не беше лесен натпревар. И таму ги постигнавме головите во последните 10-ина минути. Тоа се случи и денеска. За мојот тим имам само комплименти“, изјави Ван Гал.

Со ист број бодови како и Бајерн, но на четвртата позиција е тимот на Мајнц. По неколкуте неуспеси во серија, тимот на македонскиот репрезентативец Николче Новески го совлада нагости Кајзерслаутерн со 1:0.

Шалке продолжува во стилот „топло-ладно“

Тимот на Шалке доживеа нов неуспех. Втор пораз во вториот меч пред домашните навивачи во пролетниот дел од сезоната, овојпат од Хофенхајм со 1:0.

„Не можам да објаснам зошто денеска одигравме толку лошо. Претходно имавме две добри победи, минавме во купот и го совладавме Хановер нагости. Сега требаше да ја потврдивме добрата форма. Но, тоа е нашиот проблем оваа сезона“, изјави голманот на Шалке, Мануел Нојер.

Тренерот на тимот, Феликс Магат пред самиот крај на трансфер пазарот, одлучи повторно да прави драматични промени во тимот. Го продаде Хрватот Иван Ракитиќ во Севиља, а на негово место вчера потпиша Антони Анан од Розенборг, како и грчкиот напаѓач Ангелос Каристеас, кој досега смени пет тима во Бундеслигата и никаде не успеа да се прослави.

Fußball Bundesliga - Eintracht Frankfurt gegen Borussia Mönchengladbach
Надеж за Борусија (М) по победата над АјнтрахтФотографија: dapd

Во битката за опстанок во лигата, Санкт Паули забележа убедлива победа на домашен терен против Келн од 3:0 му избега три бода на директниот конкурент.

Во дуел од средината на табелата, Нирнберг го совлада Хамбургер со 2:0 и си обезбеди комотна позиција меѓу првите десет.

Автор: Андреас Цимонс/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска