1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе направи АНЦ со наследството на Мандела?

Јан-Филип Шлитер/ Симе Недевски7 декември 2013

По смртта на Нелсон Mандела, јавноста во Јужноафриканската Република тагува и дискутира за тоа како Африканскиот национален конгрес (АНЦ) ќе се однесува кон наследството на Мандела.

https://p.dw.com/p/1AUml
Фотографија: Reuters

„Горда сум што сум овде. Овде е поранешната куќа на Мандела, а таму на бискупот Дезомнд Туту“, вели една жена. Во заднината се слушаат песни со кои граѓаните се простуваат од Мандела и истовремено му се заблагодаруваат. Еден од насобраните граѓани вели дека е среќен оти може слободно да излезе на улица и да го искаже своето мислење. Тој вели дека за тоа му е благодарен на Мандела и на луѓето кои работеле со него.

Ново општество благодарение на Мандела

Населението ширум Јужноафриканската Република му оддава почит на Нелсон Мандела. Особено посетени се местата на кои Мандела поминал дел од животот. Пред неговата куќа во Јоханесбург има „море“ од свеќи. Претседателот Џејкоб Зума наведе дека на 15 декември е денот кога светот ќе се прости од Мандела. Погребот ќе биде извршен со најголеми државни почести во неговото родно место. „Мадиба секогаш ќе го сакаме поради она што ни го донесе, што ја победи омразата и создаде нова нација, ново општество“, истакна Зума.

„Денес секој мисли само на себе“

Trauer um Nelson Mandela
Фотографија: Reuters

„Новото јужноафриканско општество“ сега, судејќи според се‘, се прашува како владата на Зума и владејачката партија Африканскиот национален конгрес ќе се однесуваат кон наследството на Мандела. Медиумите речиси секојдневно известуваат за поткупување и корупција. „АНЦ конечно мора да ги следи чекорите на Мадиба“, вели една жена. Друг Јужноафриканец се надоврзува: „Денес секој мисли само на себе. Тоа не можеа да го научат од Мандела. Тој ги ценеше луѓето, им простуваше“. Негов сограѓанин вели дека Мандела бил многу скромен и оти народот секогаш му бил на прво место, додека пак на сегашните власти народот не им е на прво место.

Сѐ уште е рано да се каже за средување на состојбите на политичката сцена. Населението прво сака достојно да се прости од Нелсон Мандела. „За тоа сега не треба да се грижиме. Треба да останеме прибрани. Мандела одамна не беше активен. Како што гледаме ништо не се случи. Не се испоубивме. Така и ќе остане“, вели еден Јужноафриканец.

„Хамба Кале, Тата Мадиба“

Централната комеморација ќе биде одржана во вторник (10.12) на фудбалскиот стадион во населбата Совето во Јоханесбург. На неа ќе присуствуваат голем број шефови на држави. Посмртните останки на Мандела потоа ќе бидат сместени во зградата на јужноафриканската влада во Преторија. Се очекува од „својот татко“ да се простат илјадници луѓе и на зулу јазикот да кажат „Хамба Кале, Тата Мадиба“.