1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што презема Германија за да им го олесни животот на доселениците?

Волфганг Дик / Елизабета М. Фиданоска12 јуни 2013

Многу од доселениците кои доаѓаат во Германија имаат проблеми да се снајдат во земјата. Тоа особено се гледа во времиња на зголемен наплив, како во време на криза, кога Германија е крајна цел на многумина Јужноевропејци.

https://p.dw.com/p/18nhH
Фотографија: ullstein bild - Teutopress

Сојузниот завод за статистика во 2012 година изброи повеќе од еден милион нови доселеници во Германија. Бројот на луѓе кои доаѓаат од Шпанија, Грција и Португалија е двојно зголемен. Речиси половината од новите доселеници има добро образование, утврди во една неодамнешна студија фондацијата Бертелсман. Ваквиот бум бара одговорен однос кон луѓето.

Сите новодојденци се исправени пред истото прашање - каде има добри понуди за работа? Кои дипломи се признаваат во Германија? Како да се снајдам во новата средина и како да се остане? Ако на ваквите прашања не се дадат брзи и задоволувачки одговори, Германија може да остане без многумина кои би можеле да помогнат за надминување на проблемите со наталитетот, стареењето на општеството и недостигот од стручњаци. Тука стравувањата на социолозите и политичарите се еднакви.

Во здружението „Економија на средниот слој“ може да се слушне дека во моментов проблеми создаваат компликуваните закони со услови кои често не може да се исполнат. Човек тешко се снаоѓа и со многуте различни надлежности за дозволи кои ги имаат покраинските и сојузните органи.

Deutschland Antrag auf Arbeitserlaubnis
Компликуваните и долги процедури треба да се поедноставатФотографија: picture-alliance/dpa

Ернст Бургбахер, државен секретар во Сојузното министерство за економија, во интервју за ДВ вели дека долго време се негувала култура на одбивање на доселениците, наместо култура на привлекување: „Луѓето во цел свет меѓутоа мора да знаат дека се добредојдени.“ Бургбахер ветува дека германската влада, на пример, сака и натаму да ја намалува границата за неопходната заработувачка која лицето мора да ја има за да добие дозвола за работа. Опозицијата оценува дека се тоа само празни ветувања пред сојузните парламентарни избори наесен. Ернст Бургбахер, меѓутоа, укажува на тоа дека владата навистина дејствува и дека многу нешта се подобрени. „На добар пат сме“, тврди тој.

Нови закони

Од 1 јули 2013 година ќе важи нова Уредба за вработување. Со тоа ќе биде дозволено во Германија да работат и квалификувани стручњаци од земји кои не се членки на ЕУ. Ќе мора многу подобро и побрзо да може да се најдат професиите во коишто има недостиг од кандидати.

Законот за нострификација на странски дипломи од пред една година овозможува признавање на странските дипломи во Германија. Потенцијалните работодавачи сакаат секогаш дипломите да ги споредат со квалификациите коишто се стекнуваат во Германија. За таа цел е потпишана Германската рамка за квалификации, така што од летово ќе може подобро да се спроведуваат обуките и образованието што се добиваат во други земји со она што се учи во Германија.

Интернет портали кои се од помош

За оние што сакаат да се доселат во Германија е важно да можат да се информираат уште додека се во татковината, нагласува Ернст Бургбахер од Министерството за економија. Интернет платформатаMake-it-in Germany“ е централен информативен портал. Неговата понуда, чиј дел е и актуелна берза на работни места, досега ја користеле 1,7 милиони луѓе. На прашањата на заинтересираните одговараат советници кои зборуваат повеќе јазици.

И EURES-Netzwerk преку интернет нуди совети на експерти на повеќе јазици за животот и работењето во Германија.

Reportage Thema Zuwanderer Gruppe Hamburg Welcome Center
Тимот на „Welcome-Center“ во ХамбургФотографија: Pressestelle Hamburg

Освен тоа, има и таканаречен „Welcome-Center“. Со него треба да се скрати долгиот пат од институција до институција во Германија додека се извадат сите неопходни дозволи. Бирте Штелер е раководителка на ваков „Welcome-Center“ во Хамбург уште од 2009 година. Таа со својот тим на доселениците гледа како на клиенти со голема вредност. Тие се секогаш услужени лично, индивидуално и пријателски. „Некогаш не‘ прашуваат со неверување дали ова навистина е институција поради нашиот пријателски пристап“, раскажува Бирте Штелер гордо.

„Welcome-Center“ од летово треба да има и градот Минхен.

Градови со свои иницијативи

Линген во Емсланд и баварската општина Вунзидел одат по сосема поинаков пат. Политичарите од овие места кои носат одлуки и без оглед на тоа каква партиска припадност имаат, низ соработка со локалните фирми бараат активно доселеници во Европа. Тие треба да помогнат за ублажување на недостигот од стручњаци во малите и средните занаетчиски претпријатија.

Дитер Кроне, градоначалник на Линген, од страна на шпанскиот град Салт добил профили на млади луѓе кои бараат работа. Но, голем дел од заинтересираните невработени од Силт, не им одговарале по профил на германските фирми. Затоа сега потрагата по квалификувани доселеници функционира поинаку: „Фирмите треба да ни наведат конкретно што бараат. Потоа одиме кај нашите колеги во Шпанија и ги молиме да ни дадат препорака за кандидати“, вели градоначалникот Кроне. Препораките би требало да ја зголемат меѓусебната доверба, зашто да се носат едноставно евтини работници од странство или да се искористува состојбата во земјите каде има голема невработеност на младите - тоа не оди!