Што навистина се случи со Исон?
29 ноември 2013„Мал дел од кометата најверојатно преживеал и сега е на другата страна од Сонцето“, вели астрономката од Бохум, Сузане Хитемајтер. Наспроти тоа, експертот за комети на Европската вселенска организација Еса, Герхард Швем, е на мислење дека Исон е уништена во текот на приближувањето до Сонцето.
„Во близина на Сонцето не се виде ништо. Ако преживеала, ќе мораше да се види“, изјави Швем денеска, повикувајќи се на снимките од сателитите Проба-2 и СДО. Она што се гледа на снимките на сончевата сонда Сохо, според Швем, би можела да биде прашина.
Вчера американските научници оценија дека кометата се распаднала при минувањето покрај Сонцето. Астрономите претпоставуваат дека Исон се распаднала под влијание на екстремно интензивната соларна радијација и гравитациски сили. Според Дин Песнел, од Соларната опсерваторија на НАСА, Исон најверојатно експлодирала пред да ја достигне најблиската точка до Сонцето.
Што се случило со Исон ќе се знае конечно на почетокот на декември, претпоставува Швем. „Ако и по десет дена на снимките има нешто видливо, тогаш кометата преживеала“, изјави тој.
Кометата Исон беше откриена во септември 2012 година од страна на двајца руски астрономи аматери. Таа ги фасцинираше научниците поради тоа што датира од пред повеќе д 4,5 милијарди години, односно стара е колку и Сончевиот систем.