1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да се постигне со санкции?

Кристоф Рикинг / Жана Ацеска 3 март 2013

Санкциите се популарен начин на притисок врз државите без употреба на воена акција. Но, тие се често неефикасни и можат да имаат катастрофални последици врз населението.

https://p.dw.com/p/17m3I
Фотографија: AP

Реакцијата на ЕУ на третата нуклеарна проба во Северна Кореја дојде многу брзо. Минатата недела министрите за надворешни работи на ЕУ постигнаа согласност за заострени санкции против оваа земја. Забранета е испорака на одредени компоненти кои можат да се користта за производство на ракети. И во финансискиот сектор се планирани сеопфатни санкции.

ЕУ не е единствена која ја санкционира атомската програма на Северна Кореја. По првата атомска проба во 2006 година, уследија санкции од ОН. Последен пат тие се заострени во 2009 година. Но, се чини дека Пјонгјанг е малку импресиониран од нив и продолжува со развојот на нуклеарната програма. Мајкл Брзоска, шеф на Институтот за истражување на мирот и безбедносната политика на универзитетот во Хамбург е уверен дека поострите санкции против Северна Кореја ќе имаат „мало влијание“.

„Случајот на Северна Кореја покажува дека санкциите не се секогаш ефикасни. Една од причините е што меѓународната заедница често не успева да изгради единствено сценарио на закани. Така, соседната Кина и натаму го поддржува режимот во Пјонгјанг и покрај санкциите“, вели Брзоска.

Nordkorea Kim Jong Un Statue Pjöngjang
Раководството на Северна Кореја не е импресионирано од санкциитеФотографија: REUTERS/KCNA

„Тоа, се разбира, ја намалува ефикасноста на санкциите“, оценува Кристијан фон Зост од Инстититот за глобални и регионални студии Лајбниц во Хамбург:

„Искуството покажува - санкциите се најефикасни кога се поддржани од најблиските партнери и соседи“.

Истото важи и за Иран. Земјата е осомничена за обид да дојде до нуклеарна бомба под плаштот на атомска цивилна програма. Со цел да се спречи Иран во облагородувањето ураниум, Советот за безбедност на ОН во 2006 година наметна санкции и ги интензивираше во 2007 и 2010 година. ЕУ и САД се залагаа за уште построги санкции, но тоа го спречија Русија и Кина.

Меч со две острици

Колку е поголема глобалната поддршка на санкциите, поголема е и веројатноста на нивен успех. ОН уште во 1950-те ја осудија политиката на апартхејд во Јужноафриканската Република. Притисокот врз оваа земја порасна во 1970-те години, многу земји ги бојкотираа сите форми на културна размена со земјата и не даваа визи за нејзините граѓани. Во 1980-те години стопанството на Јужноафриканската Република трпеше поради санкциите на САД и Европа. Така, меѓународниот притисок придонесе за конечен распад на апартхејд-режимот во Јужноафриканската Република.

Санкциите меѓутоа можат и да го зајакнат режимот. Посебно во авторитарни режими, без слободни медиуми, режимот ги обвинува санкциите за сите економски проблеми, поради што народот се става на страната на домашниот моќник.

„Тоа во науката се нарекува ’менталитет на опсада’, сите заедно против заедничкиот непријател или барем перцепиран како таков“, образложува политичкиот аналитичар Кристијан фон Зост.

„Тоа создава токму спротивен ефект од посакуваниот, наместо растечки отпор кон режимот, тој добива се‘ поголема поддршка“.

Iran Weltraumprogramm
Против Иран на сила се санкции од 2006 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Последици како во војна

Санкциите се наоѓаат некаде на половина пат меѓу чисти зборови и воени мерки. За населението, меѓутоа, последиците од санкциите можат да бидат драматични како и војна. Според проценките, во текот на санкциите на ОН против Ирак од 1990 до 2003 година од глад и болест умреле до еденипол милион деца. Ирскиот дипломат во ОН Денис Хелидеј во еден свој говор трговското ембарго против Ирак го нарече дури  - геноцид: „Такви драстични санкции сега веќе практично не се спроведуваат“, укажува Кристијан фон Зост.

„Денес постојат целни санкции кои се однесуваат на конкретни актери, владејачката елита, како што е на пример замрзнување на банкарските сметки или забрана за влез во земјата“.

Целните санкции можат и подобро да се дозираат. Тоа овозможува постепено зголемување на казната и со неа поврзаниот притисок.