1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може Германија да научи од Канада?

Сабине Рипергер/Симе Недевски11 декември 2012

Канада веќе долго време e омилена дестинација за доселениците кои се во потрага по работа. Германија дури пред неколку години ги сфати предностите на доселувањето. Во таа област Германија може многу да научи од Канада.

https://p.dw.com/p/16rY4
Фотографија: Getty Images

Канада со години важи за доселеничка земја и во таа смисла има богато искуство. Со доселувањето бројот на жителите во таа земја секоја година се зголемува за 1% - голем дел сочинуваат мигранти, кои се дојдени во таа земја поради работа. Канада и натаму ја усогласува својата политика со економските потреби на земјата. Германија пак би морала уште многу да учи кога станува збор за доселувањето, покажува студијата на берлинскиот Институт за население и развој.
Германија би морала да ги зголеми напорите за да се презентира како атрактивна дестинација за доселување, вели директорот на берлинскиот институт, Рајнер Клингхолц. Во наредните 10 до 15 години, според него, на Германија ќе и недостасува работна сили во сите бранши. А за да се освежи пазарот за работна сила со доселување, Германија не може уште долго да се потпира на работната сила од другите земји од ЕУ.

Истовремено и политичарите мораат на народот да му го објаснат потенцијалот на доселувањето. „А тоа значи дека би морале потранспарентно и поофанзивно да се претставиме. Мораме поактивно да лобираме во странство“, кажува Рајнер Клингхолц.

Канада како пример?

Од 1967 година Канада ги одбира своите доселеници по пат на т.н. систем на бодување. Притоа степенот на образование и познавањето на јазикот се најважни фактори во изборот. Потенцијалните доселеници веќе со тоа можат да соберат две третини од неопходните бодови. Освен тоа канадската влада доделува поени и за работно искуство, години на старост или работна понуда. Исто така се бодуваат и образованието на партнерот или поранешниот престој во Канада.
Меѓутоа, предвид не се зема само високо квалификуваната работна сила. „Во Канада покрај тоа постои и интересирање за пониско квалификувана работна сила во секторите на нега, нафтената индустрија или во шумарството. И за тие личности во одделни региони и провинции постојат посебни програми“, објаснува Клингхолц.

USA Keystone XL Pipeline Öl Kanada
Многу доселеници со пониски квалификации во Канада работат во нафтената индустријаФотографија: REUTERS/TransCanada Corporation
Frau Wissenschaft Mikroskop Fotolia
Стручен кадар во Канада се привлекува систематскиФотографија: WavebreakmediaMicro/Fotolia

Ваквата работа на доселениците им обезбедува и привремен престој во таа земја. Додуша, вратата за добивање дозвола за постојан престој останува отворена само за некои. Можностите за дозвола за постојан престој во Германија или пак добивање на германски пасош се далеку помали отколку во Канада, критикува Клингхолц. Така и резултатите од т.н „сина карта“, продолжува понатаму Клингхолц, која треба да го олесни доаѓањето на стручна работна сила во Германија и која стапи во сила оваа година, досега се без голем успех. „И тоа е факторот кој целата приказна ја прави помалку атрактивна.“ Бидејќи, поимот „сина карта“ во странство речиси и воопшто да не е познат.

Интеграција пред доселување

Многу потенцијални доселеници во Канада немаат конкретна понуда за работа. Но, тоа не е недостаток бидејќи, постои комплетна интеграциска политика која не започнува само од преоѓањето на границата, смета Штефан Зиверт еден од двајцата автори на судијата. „Програмите кои на доселениците треба да им го олеснат почетокот на новиот живот, започнува во татковината. Станува збор за вистински начин на информирање и за различни курсеви со кои луѓето веќе можат да имаат реални очекувања од земјата во која одат.“

Symbolbild Blue Card für Europa
Досега слаб успех на „сината карта“ за доселување во ГерманијаФотографија: picture-alliance/chromorange

Доселениците во Канада се, според податоците на службата за доведување странски работни сили, во просек подобро образувани од домашното население. Вистина е дека и во Германија во последно време се зголеми бројот на високо образувани доселеници. Но, во споредба со Канада во Германија има и понатаму голем број од оние кои немаат никаква стручна подготовка.

Успехот на втората генерација, односно децата на мигрантите во Канада, според резултатите на студијата е посебно имресивен. Тие главно постигнале академско ниво на образование и така го надминале домашното население. И тука е подобра сликата во Канада отколку во Германија, бидејќи канадскиот училишен систем е многу попопустлив отколку во Германија. Како што вели Штефан Зиверт децата во Канада одат заедно до деветото одделение, што значи дека децата на мигрантите имаат време да го надоместат на пример недостатокот на познавање на јазикот.