1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310511 ICTY Mladic

1 јуни 2011

Осомничениот српски воен злосторник Ратко Младиќ беше екстрадиран во Ден Хаг со специјален авион на српската влада. Тој меѓу другото се товари за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите на војување.

https://p.dw.com/p/11Rzv
Судот во Ден ХагФотографија: picture-alliance/ANP XTRA

Затворската ќелија на Ратко Младиќ е подготвена - 15 метри квадратни, со тоалет, туш, телевизор. Низ прозорецот доаѓа здрав морски воздух од блиската плажа. Младиќ може да користи просторија за фитнес, да се моли и разговара со свештеник по негов избор, или во заедничката просторија да одигра партија пинг понг. „Овде е како во хотел. Тој ќе живее многу, многу подобро од жртвите кои и денес живеат во Сребреница, во бегалски кампови, или овде, во Холандија. За жртвите она што се случува овде е навистина страшно“, вели налутено Јохане фон Вурком, која е ангажирана во една организација за поддршка на семејствата на жртвите од Сребреница.

Таму во 1995 година беа убиени околу 8.000 мажи и момчиња. Ратко Младиќ, кој со своите трупи влезе во зоната што ја штитеа сили на ОН, наводно дал наредба за масакрот. Сега за тоа мора да одговара пред Трибуналот за поранешна Југославија. Судот беше основан во 1993 година од страна на ОН, две години пред да се случи масакрот во Сребреница. „Тоа беше првиот вистински меѓународен трибунал. Луѓето често велат дека е втор, по Нирнбершкиот суд. Но, Нирнбершкиот суд беше основан од страна на силите победнички по Втората светска војна. Овој трибунал е основан со едногласна одлука на земјите членки на ОН, што го прави навистина светски суд“, оценува Нерма Јелачиќ, портпарол на судот за поранешна Југославија.

FLASH-GALERIE Vermutlicher Transport von Ratko Mladic landet in Rotterdam
Ратко Младиќ во Холандија беше превезен со авион на српската владаФотографија: dapd

Оваа институција не смее да се меша со Меѓународниот кривичен суд, кој има исто така седиште во Ден Хаг, но кој работи од 2003 година и има задача да третира случаи на геноцид и воени злосторства насекаде во светот. Судот за поранешна Југославија, наспроти тоа, има строго ограничен мандат и треба да ги расветли ужасите на југословенските војни од почетокот на 1990-тите. Беа подигнати 161 обвинение, од кои 126 случаи се затворени.

Процесот против Радован Караџиќ е во тек, веројатно до 2013 година. Главниот обвинител на судот, Серж Брамерц, вели: „Судот е основан за определен период. Тој требаше во првите години да се занимава со најтешките случаи. Во 2004 година Советот за безбедност донесе одлука да не се покренуваат веќе нови обвиненија и судот да се обиде дел од постапките да им препушти на властите во државите што произлегоа од поранешна Југославија.“

NO FLASH Ratko Mladic 26.05.2011
По повеќегодишно бегство Младиќ беше уапсен во ЛазаревоФотографија: AP

Меѓутоа, по апсењето на Ратко Младиќ во Ден Хаг и натаму ќе се води процес, кој би можел да трае до 2016 година. Ако во меѓувреме биде фатен и Горан Хаџиќ, последниот обвинет кој е се‘ уште во бегство, тогаш до конечното затворање на Трибуналот за поранешна Југославија ќе мине уште време.

Автор: Андреас Ројтер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска