1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штинер: Паралелно решавање, а не условување на ЕУ-членството со името!

Силвера Падори-Кленке13 септември 2013

Старт на преговорите со ЕУ и паралелно решавање на спорот со името е вистинскиот пат за Македонија, смета либералот Рајнер Штинер, кој за ДВ говори за евроатлансткиот пат на РМ и блокадите кои не може да ги разбере.

https://p.dw.com/p/19gmt
Фотографија: AP

Германија формало го поддржува интегрирањето на Македонија во Унијата. Но, факт е и дека земјите на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, сметаат дека Македонија и Грција билатерално треба да го решат спорот околу името, за да може се деблокира евроатланското интергирање на Македонија. На прашањето дали барањето Македонија да го смени името за да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО не е уцена, д-р Рајнер Штинер, гласноговорник за надворешна политика на пратеничката група на либералите во Бундестагот, вели:

Rainer Stinner FDP
Рајнер Штинер, ФДПФотографија: www.rainer-stinner.de

„Да, јас сум целосно на страната на Македонија. Не можам да ја сфатам грчката страна. Факт е дека Грција со години блокира и сметам дека ќе биде добро доколку европските држави и НАТО делуваат порешително. Уште подобро ќе биде доколку, пак, Македонија и натаму посилно покаже дека е посоветена на европските вредности. Последниве месеци се говори дека во Македонија во игра повторно силно се вратени националните аргументи. Ова не ја прави состојбата поедноставна, но и покрај тоа, се надевам на скора разврска“, оптимист е Рајнер Штинер.

Германски консензус за Балканот

Пред есенскиот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија Штинер ја коментира и опцијата: старт на преговорите за полноправно членство и паралелни преговори за решавање на спорот со името:

„Сметам дека тоа би бил вистинскиот пат по кој треба да се чекори. Да се воспостави вид на параленост, а не условеност! Впрочем имавме и други пристапни процеси во кои имаше паралелност. Сметам дека работите може на ваков начин и да се решат“, вели Штинер кој смета дека одолговлекувањето на целиот пристапен процес може да се рефлектира и врз внатрешната стабилност на Македонија. Тој е категоричен дека реформите кои се спроведуваат не само во Македонија,туку кај сите кандидати и потенцијални членки на ЕУ, се со цел да го подобрат животот на луѓето, да владее правната држава и пазарното стопанство, демократијата и слободата на медиумите. Реформите не се прават да им се угоди на Германија, Холандија или Британија. Штинер смета дека и во случај на несреќно отегнување на доближувањето до Унијата, започнатите реформи мора да продолжат, што е во полза на државите кои тежнеат кон ЕУ-членство.

Europatag
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

На есенскиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија му претходат парламентарните избори во Германија. Изјаснувањето е на 22 септември и во ек е финишот на изборната кампања. Штинер на прашањето - дали нова политичка констелација, на пример голема коалиција меѓу демохристијаните и социјалдемократите, или коалиција на социјалдемократите со Зелените, би можела да има попозитивно влијание врз евроинтеграцијата на Македонија, одговара:

„Прво вакво нешто нема да се случи, зашто власта и натаму ќе ја има оваа извонредна влада на Христијанско-демократската Унија и ФДП. Но, на вашето хипотетичко прашање ќе одговорам дека во германската политика има заеднички консензус кога е во прашање Балканот. Оттаму, претпоставувам дека и некоја друга влада нема да си постави поинакви задачи од сегашните“, подвлекува Рајнер Штинер.

Притисок и врз НАТО

Серизноста на проблемот со името Македонија ја чувствува не само во интегрирањето во Унијата, туку и во НАТО. Пет години по самитот на НАТО во Букурешт, вратата на Алијансата за Македонија поради Грција се’ уште е затворена. Ќе биде ли Македонија тема на наредниот самит?

„Се надевам дека Македонија ќе биде тема на наредните самити како на НАТО, така и на ЕУ. Не можам да го разберам ова одалагање, зашто Македонија го оствари бараниот напредок. До 2011 година извештаите за напредок беа позитивни. Сега има делумно измешана слика. Сметам дека е апсолутно бесмислено што поради спорот со името пропаѓа полноправното членство на Македонија во ЕУ и во НАТО“, забележува Штинер, кој дава свое мослење и околу тоа дали наследникот на генералниот секретар Расмусен, на пример споменуваниот италијански политичар Франко Фратини, ќе може да направи повеќе за членството на Македонија во Алијансата или последниот збор секогаш го имаат САД и големите земји членки?

Außenminister Nikola Poposki und Westerwelle in Berlin
Во Германија има консензус и за проширувањето и за поддршката на МакедонијаФотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Не знам дали некој друг би бил подобар, но убеден сум дека земјите мора да направат поголем притисок, зашто од заеднички интерес е Македонија да стане полноправна членка на НАТО. Во Македонија бев пред речиси десет години. Тогаш говорев за НАТО и кажав дека Македонија е во состојба да биде полноправна членка. Тоа го кажав одамна, но ова треба да биде задача на секој генерален секретар на НАТО“, коментира за ДВ Рајнер Штинер, гласноговорник за надворешна политика на пратеничката група на ФДП (либералите), кој по 11 години заминува од функцијата и не се кандидира за пратеник во наредниот состав на Бундестагот.