1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штефан Филе во Македонија

ЖА/миа9 април 2013

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска (09.04) доаѓа во посета на Македонија на средби со државниот врв за финализирање на пролетниот извештај за земјата.

https://p.dw.com/p/18C6X
Фотографија: picture-alliance/dpa

Предвидено е Филе, кој ќе биде придружуван од директорот на Директоратот за проширување при ЕК Стефано Санино, да се сретне со премиерот Никола Груевски и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, а ќе се обрати и пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции.

Покрај прогресот постигнат во петте приоритетни области наведени во декемврискиот извештај од Европскиот совет, кои се дел од Пристапниот дијалог на високо ниво, тема на средбите со македонските владини претставници ќе биде и политичкиот дијалог, како и локалните избори со оглед дека се следат, како што се вели, под лупа од земјите членки на Унијата, а за што e многу важно земјата да добие позитивна оценка.

Се очекува од ЕК да биде нотирано надминувањето на политичките недоразбирања меѓу власта и опозицијата што следеше по настаните во Собранието од 24 декември, како и формирањето на Експертската комисија која треба да помогне тие да се расветлат.

Македонската страна, како што изјави пред неколку дена вицепремиерот за евроинтеграции Бесими, очекува ЕК да подготви кредибилен и објективен извештај за процесот на реформите во областа на судството, владеење на правото, за реформите во јавната администрација, слободата на медиумите, спроведувањето на Охридскиот договор и функционална пазарна економија. МНР треба да подготви извештај во однос на делот на обврските за прогресот во добрососедските односи и разговорите за името.

„Тука очекуваме да се нотираат бројните иницијативи и средби што ги имаше Владата на различно ниво - од премиерско до државни институции и одредени агенции и директорати и со Бугарија и со Грција, што ќе покаже колку сме активни во тој дел“, рече Бесими.

Пролетниот извештај за Македонија ЕК треба да го презентира на 16 април.