1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Штедливи“ светилки на македонските улици

25 јули 2010

Во голем број македонски градови и општини се’ поинтензивно во уличните осветлувања се врши замена на досегашните типови светилки, кои трошат многу електрична енергија, со нови енергетски ефикасни светилки.

https://p.dw.com/p/OU68
Струга е еден од градовите вклучени во проектот за енергетска ефикасностФотографија: Petar Stojanovski

Во рамки на своите настојувања за заштеди на електрична енергија и за намалување на глобалното затоплување, државите на Европската Унија имаат постигнато договор за постапно укинување на употребата на стандардните светилки со вжарено влакно. По 2012 година сите треба да преминат на енергетски штедливи светилки. Целта е: во Европа да се намали исопуштањето на јаглероден двооксид за 13 милиони и 200 илјади тони годишно.

Иако е се уште само кандидатка за зачленување, Македонија со своите градови и општини презема се повеќе напори за зголемување на енергетската ефикасност, посебно во уличното осветлување. Но, прашање е: дали ќе се успее баш до крајот на 2012 - та година во сите македонски домови и улици да светат новите флуоресцентни и халогени, штедливи светилки? Бидејќи, сето тоа е поврзано со инвестиции, кои се изразуваат во стотици илјади евра, а во целина и со милиони евра.

Според еден прашалник што го реализираше „ЕВН – Македонија“ во февруари годинава, 36 проценти од општините во земјата не ја следат потрошувачката на струја, а 67 проценти од нив немаат стратегија за заштеда на енергија.


Рационализирањето на уличното осветлување – „добар тренинг“ за зголемување на енергетската ефикасност

Потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување е една од четирите ообласти, каде што можат да се постигнат значителни заштеди. Инаку, на Македонија годишно и се потребни повеќе од 10 илјади гигават - часови електрична енергија.

Професорот од Машинскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје Константин Димитров, кој е и претседател на Македонскиот центар за енергетска ефикасност – МАЦЕФ, коментира: „Потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување не е можеби огромна бројка, но штедењето на тој план е една од најдобрите мерки за остварување на енергетската ефикасност, која може секоја општина да ја спроведе. Пресметките покажале дека вложените пари за нови светилки се враќаат најдоцна за 3 години.“

Stip, Mazedonien
„Штедливи“ светилки и за улиците на ШтипФотографија: Petar Stojanovski

Димитров дополнува: „Во националниот план за енергетска ефикасност ваквата рационализација е спомената како битен елемент со цел во земјата да се троши се помалку струја. Нашата општа енергетска потрошувачка е за 4 пати поголема од европскиот просек и ние мораме да преземеме мерки да ја намалиме и да започнеме да им се доближуваме на развиените европски држави.“

Македонија троши годишно околу 74 гигават часови за улично осветлување. За ова се плаќаат речиси 7 милиони и 200 илјади евра годишно. Ако се има предвид дека со поставувањето на новите светилки се намалува потрошувачката на струја во просек за околу 40 отсто, тогаш произлегува дека би можело да се заштедат околу 3 милиони евра само за една година, ако во целата земја класичните светилки по улиците бидат испратени во пензија.

Радовиш изготви програма за енергетска ефикасност, во која само во графата за улично осветлување се впишани 100 илјади евра годишно. Поставувањето на новите светилки ќе чини околу 110 илјади евра, но заштедите, кои се проценуваат на дури 60 отсто, се проценува дека ќе ја исплатат инвестицијата за неколку години.

Градоначалникот на Радовиш Роберт Велков во една јавна пригода пред неколку месеци имаше посочено: „Се доби една енергетска ефикасност, која со време ќе генерира заштеди, а нив ќе ги ставаме пак во функција на нови замени на класичните светилки по улиците. Ова ќе претставува еден процес, кој ќе трае.“

Четири години искуства во Кочани со ветровата и сончевата енергија за произведување струја за улично осветлување

Многу е поучен во позитивна смисла примерот на општина Кочани со користењето на алтернативните и обновливи извори на енергија. Уште во 2006 година во регионот на Кочанската котлина е инсталиран ветров генератор од 1,5 киловати за осветлување на „Споменикот на слободата“. Во локалитетот „Гоцева шума“ се поставени семафори, генератори и 4 светилки на сончева енергија. Во 2007 година покрај кејот на Кочанска река во градот се инсталирани уште 18 соларни светилки. Сите овие инвестициони зафати чинеа 62 илјади евра. Без оглед што добиените киловатчасови нема да претставуваат некое којзнае колкаво производство на овој енергенс, но сепак: во наредните години киловатчас по киловатчас – за толку и помали плаќања и пополн општински буџет.

Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам на кочанската локална самоуправа, нагласува: „Со сите овие и другите активности, кои ги презедовме, сакаме Кочани да стане една од водечките општини, кои ја промовираат енергетската ефикасност во земјата.“

Кочани, Струга, Кавадарци, Штип и скопската општина Кисела Вода се петте општини во Македонија, кои од есента минатата година се вклучени во проектот за општински планирања во енергетската ефикасност, со финансиска поддршка од Норвешка. Сите општини имаат сопствени програми за енергетска ефикасност, во кои се предвидени начините за користење на алтернативните извори на енергија.

Штип како град плаќа годишно 180 илјади евра за струјата за осветлување на улиците. Набавката на „европските“ светилки и него го чини 300 илјади евра. Раководството на штипската локална самоуправа пресметало дека оваа енергетска рационализација ќе овозможи заштеди за општинската каса за 12 години со износ од 684 илјади евра.

Македонија ја изготвува својата втора национална стратегија за унапредување на енергетската ефикасност

Прилеп се нареди меѓу општините со најголеми успеси во енергетската рационализација во уличното осветлување и во други сектори: замената на класичните светилки за овој град значеше инвестиција од 300 илјади евра, но тоа донесува заштеди од 130 илјади евра. Ова овозможува вложувањата да се исплатат за 3 години.

Слични планови и активности, но со разлики само во инвестиционите бројки, имаат и Скопје, Пробиштип, Тетово, Велес, Делчево, Илинден и други места во земјата, кои се вклучени, или допрва се вклучуваат со забрзана динамика во редуцирањето на потрошувачката во овој домен на енергетиката во земјата.

Во меѓувреме, се изготвува втората национална стратегија за унапредување на енергетската ефикасност , која е фокусирана на процент на заштеда на финална енергија, кој произлегува од Европската директива за енергетска ефикасност 2006/32/ЕЦ. Во тек е изработката и на национален акционен план за примена на мерките, утврдени во стратегијата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски