Штајнакер: спречено правото на протест
24 октомври 2013Германската амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер, реагираше на вчерашното спречување на протестите на новинарите од страна на полицијата.
„Ние жалиме што вчера беше спречено демократското фундамдентално право да се протестира, без давање на било какво објаснување за потребата од толку силно присуство на полицијата“, изјави за Нова Гудрун Штајнакер, германската амбасадорка во Македонија.
Стотина новинари вчера (23.10.) се обидоа да одржат мирен протест поради затворската казна за нивниот колега Томислав Кежаровски, пред објектот на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, но беа спречени од страна на специјални полициски сили.
Германската амбасада реагираше деновиве и во врска со пресудата од 4,5 години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
„Германската амбасада во потполност ги дели ставовите на амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, и сериозно е загрижена за слободата на медиумите во Македонија“, беше соопштено по тој повод.