1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпигел: ММФ ја губи вербата во грчката способност за санација

8 јануари 2012

Меѓународниот монетарен фонд смета дека Грција со своите досегашни планови за санација не е во состојба да излезе на крај со долговите, пишува магазинот „Шпигел“.

https://p.dw.com/p/13g2t
Седиштето на ММФ во ВашингтонФотографија: AP

Експертите на Меѓународниот монетарен фонд, според магазинот „Шпигел“, во текот на претстојната мисија на таканаречената Тројка ќе ги прилагодува најважните делови од пакетот мерки за спас на влошената економска ситуација во Грција. ММФ, заедно со Европската централна банка и Европската комисија, е дел од Тројката, чии претставници на средината на јануари треба да се вратат во Атина за да проверат како земјата напредува во спроведување на она што е зададено со првата кредитна транша во мај 2010 и вториот пакет за помош од октомври 2011 година.

„Шпигел“, повикувајќи се на интерни забелешки на ММФ, пишува дека или Грција ќе мора повеќе да работи на консолидација, или приватните доверители ќе мора да се откажат од поголем дел од своите побарувања, или пак евро-земјите ќе учествуваат повеќе во спасот на земјата.

ММФ остро ги критикува бавните реформи во Грција. Под очекувањата е напредокот во приходите од даноци и собирањето средства од приватизацијата. Со пакетот за спас на Грција од октомври 2011 година грчкото задолжување во 2020 година треба да изнесува 120 проценти од економскиот учинок. Само на тој начин би можело да се излезе на крај со долговите. Според „Шпигел“ меѓутоа, ваквата цел, со вакво темпо на Грција, е под знак прашалник.

Автор: ЕМФ/афп

Редактор: С. Недевски