1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпекулации за нови последици на аферата Ходорковски

3 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AeSk

За разлика од германските експерти, кои за време на викендов беа цитирани со оптимистичките проценки за економската иднина на Русија, лондонски Обсервер во вчерашното издание навестува дека Роман Абрамович е наредниот индустријалец кого Кремљ го има земено на нишан.

Абрамович, млад олигарх како и Ходорковски, во средината на годинава му продаде на Јукос голем дел од нафтениот концерн Сибнефт и на тој начин Јукос стана четврт по големина нафтен концерн во светот. Самиот тој стана побогат за неколку милијарди. Абрамович, кој истовремено е и гувернер на далекуисточната провинција Чукотка, пред извесно време за повеќе стотици милиони евра го купи англискиот фудбалски сојуз Челзи.

На Абрамович му се приговара дека во средината на 90- тите години за мали пари ги купил акциите во Сибнефт и дека на тој начин се стекнал со огромен приватен капитал, кој сега се обидува да го изнесе во странство. Се чини дека во странство се префрлени и одделни права на глас во Јукос. Така, Сандеј Тајмс пишува дека Јакоб Ротшилд, од англиската банкарска династија, од страна на Ходорковски е ополномоштен да управува со неговите акции доколку нему нешто му се случи.

Економските експерти едновремено забележуваат дека и уште еден шеф на концерн - Анатолиј Чубаис премногу си дозволува. Како главен спроведувач на приватизацијата за време на Борис Елцин, тој важи за архитект на сегашната економска структура. Тој е претседател на управниот одбор на државниот монопол за електрична енергија ЕЕС, но истовремено се појавува на кандидатската листа на една опозициона партија. Чубаис изминатата недела беше единствениот руски економски лидер кој жестоко го критикуваше апсењерто на Ходорковски. Во петокот деловните простории на една негова фирма во Сибир беа претресени од тајната служба. Акциите на ЕЕС беа речиси единствените чиј курс драстично опадна изминатиот петок. Дали сето ова не значи дека и на Чубаис, кој инаку е многу близок до сменетиот шеф на админстрацијата на Кремљ Волошин, деновите му се избројани? И додека во Москва се нагаѓа дали Путин и неговите власти презедоа само една изолирана акција против Ходорковски и неговите нескриени политички амбиции, постојат индиции кои говорат дека мерките ќе продолжат. Така се цитира министерот за внатрешни работи Борис Грислов кој вели дека суровините на Русија никогаш не биле приватизирани, дека тие им припаѓаат на сите, а не на одделни фирми. Притоа вчера беше објавено дека на Јукос му се одземени правата за експлоатација на нафта во источен Сибир и дека му се доделени на концернот Сургутнефт, кој е близок до државата.