1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанскиот премиер не се повлекува и покрај скандалите

Б. Георгиевски/дв/макфакс16 јули 2013

Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги отфрли повиците да се повлече од функцијата поради финансискиот скандал, изјавувајќи дека нема да дозволи тоа прашање да ги попречи неговите реформски планови.

https://p.dw.com/p/1989G
Фотографија: Getty Images

Шпанскиот премиер Маријано Рахој се најде под засилен притисок откако поранешниот благајник на неговата Народна партија во исказ пред судот сведочеше дека во 2008, 2009 и 2010 година им предавал коверти со готовина на Рахој и на другите партиски челници.

Поранешниот благајник на владејачката Народна партија Луис Барсенас вчера беше испитуван од истражен судија. 55-годишниот Барсенас беше уапсен во јуни годинава под обвиненија за поткуп, перење пари и даночни измами. Шпанските власти открија дека тој акумулирал околу 47 милиони евра на сметки во швајцарски банки.

Рахој досега успеваше да ги ограничи димензиите на скандалот во кој се инволвирани големи градежни компании коишто во замена за големи договори давале донации коишто на партиските челници им биле исплаќани во готовина.

„Ќе ја бранам политиката на стабилноста и ќе го довршам мандатот којшто ми го дадоа шпанските избирачи“, изјави Рахој на прес-конференција. Истакна и дека скандалот нема да ја попречи неговата програма за реформи чија цел е борбата против длабоката рецесија и големите дупки во државниот буџет.

Пари на рака

Досегашната истрага на шпанските новинари откри дека Рахој, во периодот додека бил министер кон крајот на 90-тите години, примил околу 40 илјади евра во кеш од нелегалните донации со кои се финансирала неговата партија. Иако веќе неколку недели е во притвор, Барсенас оттаму даде и интервју за влијателниот „Ел Мундо“ кој прв ја откри аферата, и ги потврди сомневањата за раширената корупција во редовите на конзервативците. Медиумите открија и преписка меѓу Барсенас и премиерот Рахој од јануари годинава, точно на денот кога „Ел Мундо“ ја откри аферата. Рахој тој ден му напишал смс-порака на Барсенас во која го повикува да не подлегне на притисокот.

Luis Barcenas
Луис БарсенасФотографија: AFP/Getty Images

„Правиме се' што можеме. Остани силен!“, му порачал премиерот на својот сопартиец.

Шпанската опозиција бара Мариано Рахој да се повлече од должноста, а дури и некои влијателни членови на неговата партија сметаат дека дошло времето кога тој треба да се замине.

„Народната партија можеби има апсолутно мнозинство, но го загуби моралниот авторитет. Ќе соработуваме со сите партии за да го принудиме премиерот да се повлече“, изјави заменичката на генералниот секретар на опозициската Социјалистичка партија, Елена Валенсиано.