1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија ја потресува нов допинг скандал

11 декември 2010

Во новиот скандал се вмешани повеќе врвни спортисти на земјата, како и веќе оспоруваниот лекар Еуфемиано Фуентес. По велосипедистите пред четири години, овојпат се засегнати атлетичари.

https://p.dw.com/p/QVYh
Шпанската атлетичарка Марта Домингез слави на Светското првенство во Берлин 2009Фотографија: AP

Шпанските истражни органи упасија вкупно 14 лица, меѓу кои, покрај оспоруваниот лекар Еуфемиано Фуентес, се наоѓа и врвната атлетичарка Марта Домингез, како и нејзиниот тренер и менаџер. Таа беше светски првак во трчање со препреки. Сега истражните органи ја товарат дека снабдувала други спортисти со средства за допинг.

Оваа вест предизвика вистински шок во шпанската спортска јавност. Државниот секретар Хаиме Лисавецки вети беспоштедно расветлување на аферата: „Се решивме за принципот на нула-толеранција. Не само владата и парламентот, туку и целото општество бара чист спорт. Овде ништо нема да се прикрие, туку ќе работиме чисто и доследно“, нагласи државниот секретар Лисавецки.

Eufemiano Fuentes
Централна фигура и на овој скандал е лекарот Еуфемиано ФуентесФотографија: picture-alliance/ dpa

Успех на полицијата

Скандалот излезе на виделина со изјавите на еден атлетичар, кого полицијата го открила уште пред една година. Тогаш беше откриена тајна врска за шверц на допинг средства, во која беше замешан Пакиљо Фернандез. Двојниот европски првак во брзо одење подоцна им помогна на истражните органи да дојдат до изворот на допинг-средствата.

Врвната спортистка Марта Домингез, која е бремена во четврт месец, беше пуштена на слобода под кауција. Само четири недели претходно, во јавноста се појави веста дека и победникот на Тур де Франс, велосипедистот Алберто Контадор, бил позитивен на еден тест минатово лето, при што во неговата крв било откриено средство за товење телиња.

Шпанскиот новинар Алваро Нието во врска со најновите откритија вели: „Полицијата не би презела операција од ваков размер доколку не располага со докази. Се чини дека ќе падне уште еден спортски мит и идол на Шпанија.“

Автор: Корнелија Дерихсвајлер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска