1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија- невработени стануваат овчари

Штефан Шаф/ Зоран Јордановски8 јуни 2013

Во кризна Шпанија невработените сега добиваат можност за ново занимање и обезбедување на плата. Молери, келнери, но и факултетски образовани лица во покраината Андалузија учат да молзат кози и да одгледуваат овци.

https://p.dw.com/p/18gBi
Фотографија: REUTERS

Антонио Лара и Бегоња Аиспру во ридиштата на Андалузија. Младата, 28-годишна жена, е ветеринар, но сега сака да биде преобучена и да стане овчар. Антонио и’ покажува како се молзи. Тој неколку месеци ја подучува - какви ѕвончиња се применуваат за овците, или како со фрлање камења се одржува стадото на куп. Сето тоа спаѓа во невообичаениот курс за обука на овчари на југот на Шпанија. „Убаво е да се мине денот заедно со стоката во природа; животот е така многу порелаксиран и ме прави среќна изутрина кога станувам“, вели Бегоња. Антонио се надоврзува: Не сакаме да исчезне оваа традиција. Добро е кога знаеш дека има млади луѓе кои и во иднина ќе сакаат да се занимаваат со оваа убава професија.“

Школа за овчари финансирана од ЕУ

По молзењето се оди на ливада - започнува нов ден. Во идиличното планинско село Грасалема од пред три години има училиште за овчари, финансирано од Европската унија.

Schafe vor der Puerta de Alcala in Spanien
Фотографија: AP

Кандидати има многу, но во еден курс се примаат само 20 учесници. Младите, невработени Шпанци гледаат нова шанса во овчарската професија. Школувани ѕидари, механичари или млади со академско образование овде интензивно ја изучуваат умешноста на чувањето овци. Обуката трае шест месеци. „Како овчар самиот себе си сум си работодавец и самиот располагам со моето време“, вели инженерот Давид Гонзалес.

Хозе Мариоа Пињеро по струка е пак техничар за телекомуникации: „Ова е огромна промена, но животот ќе ми биде многу помирен.“ Теорија и практика наизменично - попладнето се вежба стрижење на овците. Секој од учесниците на курсот доаѓа на ред. Бегоња, како ветеринар, може да е подобро подготвена за оваа вежба, но и таа има проблеми со овцата. „Многу е потешко, отколку што изгледа, но на многумина често пати така им оди со теоријата и практиката.“, вели Бегоња.

Од електричар до козар- кариера во кризна Шпанија

Луис Мигуел Занабрија од регионална влада на Андалузија пак истакнува: „За учесниците овој курс претставува вистинска алтернатива. Подоцна можеш самиот себе си да си бидеш шеф. Нема да зависиш од никого и се’ што ќе саработиш ти припаѓа само тебе.“

Заштитената природа околу Грасалема е впечатливо убава - во овој планински свет овчарите првенствено ја негуваат таа култура.

Среде заштитената област среќаваме стадо кози и една брачна двојка. Во осамата (осаменоста) на планинскиот масив тие од пред половина година се занимаваат со екстензивно сточарство. Со директорот на националниот парк Мигел Маниерот разговараат за нивниот проект. Гаспар Корбачо работел како електричар, но потоа останал без работа. „Животот овде ми причинува вистинско задоволство, се разбира и поради тоа дека инаку веќе нема никаква работа. Овде барем имам приходи.“ Од електричар до козар - кариери во Шпанија растресена од кризата.

Spanien Landschaft in Andalusien Mohnfeld
Фотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Шпанците се враќаат на село

Се враќаме во училницата. Германката Енрестине Лидеке држи предавање за фондацијата „Монте медитеранео“, која поддржува еколошки проекти во цела Шпанија. На југот на Европа, смета Германката, тренд е враќање на село.

„Сега, поттикнато од кризата, мислам дека повторно по малку се врати во свеста дека развојот на селата е она, што всушност треба да се унапредува во Шпанија“, вели Лидеке.

Наредна тема од наставата - производство на сирење. За шпанските овчари ова е клучна работа, оти тие заработуваат пари со продажба на овчо и козјо сирење.

Битно е сопственото сирење да има сосем посебна нота. А уште поважно е како да се продаде што е можно попрофитабилно и без трговци-накупци. За Бегоња тоа би било сон - да биде овчар и да произведува сопствено сирење. „Понекогаш соништата се остваруваат, но уште има проблеми - потребни се субвенции за купување стока. Но, тоа останува мој сон.“

Во потрага по подобар живот, порано луѓето од Андалузија се селеле во градовите. Сега младите Шпанци повторно се враќаат на село.