1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шојбле: Европеец во Берлин

Ивета Ондрускова / Елизабета Милошевска Фиданоска17 мај 2012

Важи за човек кој решава тешки случаи. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле денеска (17.05) ја доби меѓународната Карлова награда на градот Ахен за заслуги за европското обединување.

https://p.dw.com/p/14wyH
Фотографија: dapd

Од есента 2009. година Волфганг Шојбле е најважниот министер во владиниот тим на Ангела Меркел. Во црно-жолтата коалиција, покрај канцеларката, тој има најголема „тежина“. Во менаџирањето на должничката криза Шојбле важи за сива еминенција, како во Берлин, така и во Брисел. Многу од досега донесените мерки носат негов потпис. Централна улога, на пример, имаше во текот на советувањата за чадорите за спас.

Сега германскиот министер за финансии треба да добие клучна позиција при решавањето на кризата - на крајот на јуни треба да стане шеф на Еврогрупата. Новата функција би била круна на неговата долга политичка кариера. „Стариот лисец“, како што понекогаш го нарекуваат, е повеќе од 40 години во политичкиот бизнис.

Биографија како политички крими-роман

Биографијата на Шојбле може да се чита како политички крими-роман. Во нејзе има се‘ - интриги, тешки удари на судбината, скандали, дубиозни куфери полни со кеш... Но, да одиме по ред.

Кога во 1961. година се градеше Берлинскиот ѕид, Волфганг Шојбле беше матурант и и‘ се приклучи на Младата Унија. Во 1972. година, се кандидира за германскиот Бундестаг. Ги добива изборите во неговиот изборен круг во Офенбург, на границата со Франција, и местото во парламентот од тој изборен круг го држи до денес.

Euro-Gruppe Nachfolger für Jean-Claude Juncker Schäuble Merkel
Европеец на страната на МеркелФотографија: dapd

Десет години потоа, во 1981. година, почнува неговата долгогодишна интензивна соработка со германскиот канцелар Хелмут Кол. Тој во 1984. година го зема Шојбле како министер во кабинетот на канцеларот. Како шеф на централата на моќта во Западна Германија, Шојбле станува познат. Во 1989. година паѓа Ѕидот во Берлин, а Шојбле е раководител на преговорите на Сојузната Република со ГДР за обединување. Германското обединување е целосно нецела година потоа - на 3. октомври 1990. година.

Атентат во јужна Германија

Но, само неколку дена потоа, Шојбле е жртва на атентат. Тој е буквално соочен со смртта. На 12. октомври 1990. година, во гостилницата „Брат“ во Опенау, врз него пука психопат. Шојбле е тешко повреден. Со железна дисциплина и‘ се враќа на работата како министер за внатрешни работи само по шест недели од атентатот.

Во 1998. година не успева да го убеди Хелмут Кол да не се кандидира за канцелар. Кол загуби на изборите и со себе го повлече политички надолу „принцот наследник“.

Mauerfall Wiedervereinigung Menschen auf der Berliner Mauer
Веднаш по обединувањето, Шојбле преживеа атентатФотографија: AP

Во 2000. година Шојбле признава дека во 1994. година примил донација во висина од 100 илјади германски марки од лобист за оружје. Излегува дека и Шојбле не ја кажал целата вистина во парламентот. Грешка што никогаш не си ја прости и за која подоцна јавно молеше за извинување. Во февруари 2000. година даде оставка на функцијата шеф на пратеничката група на партиите на Унијата во Бундестагот. Некогашните пријатели Кол и Шојбле поради аферата станаа огорчени непријатели.

Подоцна Ангела Меркел повторно го качи на владиниот брод. По изборите во 2005. година, во Берлин се формираше голема коалиција и Шојбле го доби ресорот внатрешни работи. Години подоцна, во октомври 2009. година, протестантот од провинција од јужна Германија, беше именуван за министер за финансии.

Европеец од внатрешно убедување

Европа е политичката страст на Шојбле. Тој многу се залага за интегративниот процес во Европа, а особено му е важна германско-француската оска. Зборува француски, а сраснувањето на Европа можеше, така да се каже, да го набљудува буквално пред прагот во своето родно место.

Еврото е „стабилна валута и ако не направиме тешки грешки, тоа ќе биде и во иднина“, повторува тој постојано. Главни причини за евро-турбуленциите се „недостигот на регулација на финансиските пазари“ и „преголемото државно задолжување“.

Finanzministerrat der Eurogruppe in Brüssel 21. OKtober 2011
Европа од кризата ќе излезе посилна, убеден е ШојблеФотографија: dapd

Но, од кризите може да се извлечат поуки. „Европа досега излегуваше посилна од секоја криза. Така ќе биде и сега“, вели Шојбле самоуверено и додава: „За десет години ќе имаме структура која многу повеќе ќе одговара на она што го дефинираме како политичка унија“. Тоа е целта на Волфганг Шојбле.