1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шопинг во „H&M“: старо за ново

Рејчел Баиг/ Александра Трајковска 3 март 2013

„H&M“ стартуваше иницијатива за собирање стара облека. За кеса стара облека се добива купон за попуст од 15 проценти. Во „H&M“ тврдат дека акцијата е поради животната средина, критичарите меѓутоа велат: „Чист маркетинг!“

https://p.dw.com/p/17pUw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Купувачите во шведскиот моден синџир „H&M“ од средината на февруари можат во продавниците на оваа модна куќа да донесат стари работи од текстил и да добијат купон за попуст како награда. Во Германија во акцијата се вклучени 80 филијали на „H&M“.

DRK Altkleider
Милиони тони стара облека секоја година завршуваат во ѓубреФотографија: DW / Rachel Baig

Понудата за собирање стара облека не се однесува само на производи од „H&M“, уверуваат од претпријатието. „H&M“ ги прифаќа не само сите марки, туку и облека во секаква состојба - дури и искината. „Ние сакаме да направиме нешто добро за животната средина“, велат од модната куќа.

Од старо - ново

Секоја година тони текстил се фрлаат во сметот и завршуваат во депонии. Меѓутоа и до 95 проценти од оваа облека може повторно да се користи, да се носи и да се рециклира, велат во „H&M“.

„На нашите муштерии сакаме да им понудиме едноставен начин, да ја предадат старата облека. Долгорочно имаме визија, од старите материјали да направиме нови“, изјави портпаролка на „H&M“. Таа објаснува дека собраната облека ќе биде складирана по филијалите, а потоа партнерски фирми ќе ја собираат, и ќе биде однесена на сортирање според различни критериуми. Облеката која се’уште може да се носи, ќе биде продавана како половна стока. Текстилот кој повеќе не може да се носи ќе биде претворен во крпи за перење или ќе се користи за производство на изолациони материјали. Приходите би биле наменети за социјални проекти и за истражувања на тема: рециклирање. „Долгорочно наша цел е да се постигне затворен круг, од производство до рециклирање“, велат од „H&M“.

Altkleider Container
Во Германија постојат специјални контејнери за стара облекаФотографија: picture-alliance/dpa

Контроверзна донација на облека

Критичарите претпоставуваат дека акцијата не настанала само поради грижа за животната средина. Имено муштериите со рециклирањето се поттикнуваат да купат нова облека и за тоа да добијат попуст од 15 проценти: попуст се добива за секоја кеса со стара облека.

Донацијата на облека во соработка со фирмите е контроверзна, оти многумина со рециклирањето водат бизнис: „По тон стара облека се заработува околу 250 евра. Затоа покрај фирмите, во овој бизнис се вклучуваат и се’ поголем број општини“, објаснува Дитер Шиц од германскиот Црвен крст.

Dr. Dieter Schütz vom Deutschen Roten Kreuz.
Дитер Шиц, Црвен крст ГерманијаФотографија: DRK Dr.Dieter Schütz

Само во Германија годишно се собираат околу милион тони стара облека.

Раководителот на здружението „FairWertung“, мрежа од социјални и црквени организации, Андреас Фогет, вели дека во основа нема ништо против продажбата на стара облека, но дали акцијата на модната куќа „H&M“ навистина ќе и’ помогне на животната средина, е под знак прашање: „Системите за враќање на текстилните производители и трговските синџири во прва линија се маркетиншки инструмент, за муштериите да се врзат за сопствената фирма и да се поттикне продажбата на сопствените нови текстилнии производи“.

За иницијативата да биде успешна, „H&M“ ќе мора да ги убеди како критичарите така и луѓето, кои треба да донираат стара облека. Со сигурност меѓутоа се знае- „H&M“ од една страна се залага за тоа старата облека да не завршши во ѓубре, но од друга страна ги анимира своите муштерии за уште побрза промена на содржината на сопствените шкафови со облека.