Широк дијапазон во американските пораки до Иран
26 февруари 2007Американскиот потпретседател Дик Чејни на прес-конференција при посетата на Австралија рече дека најрадо со дипломатија би го натерале Техеран на откажување од атомската програма, што досега не функционирало. Потоа уследи заканата: “Но, и јас, како и претседателот, секогаш нагласувавме дека и натаму ги задржуваме отворени сите опции”.
Меѓу нив и воената, тврди новинарот Сејмур Херш во магазинот “Њујоркер”. Според неговите, вообичаено многу сигурни информанти, во рамките на Министерството за одбрана веќе има работна група која подготвува конкретни “блиц-напади” со бомби врз Иран. Тие би можеле да бидат изведени во рок од 24 часови по евентуална наредба од претседателот Џорџ Буш, а со нив би требало паралелно да биде запрена и иранската подршка за востаниците во Ирак. “Веќе сега има многу агресивни активности преку границата. Уште од пред некое време американски војници се во лов на наши противници во Иран” – рече Сејмур Херш за телевизијата ЦНН (си-ен-ен).
Заблуда, оцени портпарол на Пентагонот. Министерот за одбрана Роберт Гејтс вели дека војна не е планирана. “Ние не бараме причина за да започнеме војна против Иран”.
Државниот секретар Кондолиза Рајс го предупреди Иран да не ја проценува погрешно ситуацијата, но акцент става врз преговори:
“Ним не им е потребен рикверц, туку треба да запрат. Потоа ние можеме да се вратиме на преговарачката маса и да разговараме како да одиме понатаму”. И во самиот Иран го критикуваат сопствениот претседател оти ја изолира земјата со политиката што ја води, нагласи Рајс.