1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шиндлеровата листа“ доби музеј

16 ноември 2010

Името Оскар Шиндлер на пошироката јавност и‘ стана познато преку филмот на Спилберг, „Шиндлеровата листа“. Фабриката во Краков на овој германски индустријалец, кој спаси од смрт стотици Евреи, сега стана музеј.

https://p.dw.com/p/Q5nV
Оригиналната „Шиндлерова листа“ со стотици имиња на Евреи кои беа спасени од смрттаФотографија: AP

Приказната за Оскар Шиндлер, благодарејќи на прочуениот американски режисер Стивен Спилберг, стана една од најпознатите воени приказни на денешницата. Оскар Шиндлер бил член на едно добростоечко германско претприемничко семејство. Во октомври 1939 година, веднаш по окупацијата на Полска од страна на нацистичка Германија, снаодливиот Оскар во ек на т.н ариевизација, односно протерувањето на еврејските претприемачи од нивните претпријатија, за мали пари во полскиот град Краков купи фабрика за садови од емајл.

Filmszene Schindlers Liste von Regisseur Steven Spielberg
Сцена од филмот „Шиндлеровата листа“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Поради добрите односи со нацистичката номенклатура и ексклузивните договори со германската армија Вермахтот, Шиндлер во воените години стекна огромно богатство. Добра заработувачка тој остваруваше и поради ефтината работна сила, во дел составена од Евреи од блиските концентрациони логори.

Голем број посетители на фабриката во Краков

Но во еден момент кај Шиндлер проработе човечноста и потоа тој сите свои врски и пари ги употребуваше за да спаси што е можно повеќе свои работници од сигурна смрт во концентрационите логори. Едно од најважните места во приказната за Шиндлер и неговата фамозна листа со имињата на затвореници во логорите е фабриката за садови во Краков. Ова историско индустриско здание деновиве е претворено во музеј кој го тематизира животот и прогонот на Евреите во овој полски град.

Oskar Schindler
Оскар ШиндлерФотографија: AP

Откако е отворен, музејот привлекува голем број посетители од целиот свет. И досега туристите доаѓаа однадвор да ја видат зградата во која Спилберг го сними својот познат филм „Шиндлеровата листа“, но како што вели кураторката на новиот музеј Моника Беднарек, откако е средена и внатрешноста на зградата бројот на посетители значително пораснал:

„Наша задача е да ја прикажеме приказната на Оскар Шиндлер и на работниците во неговата фабрика. Тие се главни ликови на нашата изложба, но не само тие. Ние сакавме нивните животи да ги прикажеме како дел од целокупната приказна за Втората светска војна во овој град“

„ По војната фабриката беше национализирана од страна на комунистичката власт а по демократските промени во текот на деведесетите години повторно приватизирана. Градот пред пет години ја откупи фабричката зграда и со помош на сретства од ЕУ ја преуреди во музеј“, вели Моника Беднарек

Поблиску до минатото со помош на мултимедијална техника

Постојаната поставка започнува со фотографии од Краков од 30 години од минатиот век, пред доаѓањето на нацистите:

„Најнапред го покажуваме времето пред војната, за да биде појасно што се случувале за време на војната “, вели Моника Беднарек. Фотографиите прикажуваат добро облечени, опуштени граѓани во секојдневни прошетки низ градот или при одењето во синагога.

По влегувањето на германските единици на 6 септември 1939 година ништо не беше како порано. Посетителите на изложбата можат да видат оригинални натписи од тоа време на кои пишува: „На Евреите им е забранет влез во трамваите“.

Schindler Museum bei Krakau eröffnet
Канцеларијата на Окар Шиндлер во музејот во КраковФотографија: AP

Потоа посетителите доаѓаат до реконструираниот стан во еврејското гето во Краков. Тука со помош на мултимедијална техника тие се враќаат во времето на Втората светска војна.

„Ваквата техника овозможува посебно на младите луѓе да им се долови атмосферата на тоа време. Ним техниката им е поблиска а освен тоа ја прави и изложбата поатрактивна“, вели Гжегорж Језовски, еден од авторите на изложбата.

Интересно е дека на самиот Оскар Шиндлер изложбата не му посветува преголемо внимание. Сочувана е само неговата канцеларија со оригиналниот мебел.

„Оваа инсталација би требалo да ја симболизира историјата на претпријатието и неговите работници. Но тука е и славната листа на Оскар Шиндлер со 1200 принудни работници на кои тој им го спаси животот“, вели Беднарек.

Автор: Јустина Бронска/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска