1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шивачката која облекува роботи

Дагмар Циндел / Елизабета М. Фиданоска23 февруари 2014

За да се стане сам свој стопан со невообичаена идеја е потребна храброст. Со истрајност и потребен ноу-хау една жена од типично женска професија направи поврзување со сфера која е машки домен и постигна успех!

https://p.dw.com/p/1BADx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Андреа Гајер не шие вечерен фустан, туку костум. Заштитен костум за робот, од модерни хај тек материјали. Пред три години таа со ваквата идеја отвори своја фирма и за тоа ја доби наградата за основачи на фирми во женска конкуренција. Тоа што е обучена шивачка и‘ помогна:

„Обуката за шивач за дами е предност, зашто во текот на обуката се учи кроење и моделирање за луѓе во движење. Истото е неопходно и за роботите. Исто како што се шие по мерка за жени и мажи, така се шие и за роботи.“

Готовите костуми излегуваат од малата рбаотилница зад куќата. Кај големите делови Андреа Гајер лично оди на монтажа. Во меѓувреме оваа 40-годишна жена може да живее од својата фирма, каде е вработена само таа. Нејзини постојани муштерии - автофирми како Фолксваген или леарницата Шерб кај Улм.

Андреа Гајер во леарницата донесе нов материјал, обложен со силикон. Костумите мора да издржат на температура од над 300 степени Целзиусови и не смеат да пропуштаат нечистотија и влага.

Schnittmuster mit Zirkel
Кроење е потребно и за облеката за роботиФотографија: Robert Kneschke / Fotolia

„Прекрасно. Изгледа добро. Се‘ одговара. Овде е добро исечено и добро затвора“, оценува задоволно таа.

Раководителот на леарницата Мартин Шерб сака да го слушне токму тоа. Конечно еден костум чини до 1500 евра. Тој има намера постепено да ги облече сите свои роботи:

„Роботот не е евтин. Прашањето е што е поевтино - нов робот или нов заштитен костум? Се разбира дека е исплатливо ако со тоа прегледот се прави еднаш годишно. Во роботот не влегува вода, а таквите штети се огромни.“

Особено е тешко да се облечат големите роботи. Насекаде е мазно и лизгаво, поради целото подмачкување кое се прави. Олеснувањето е големо кога ќе се стапне повторно на земја, без повреди.

Андреа Гајер го облече роботот. Костумот сосема одговара. Тој може да почне со работа, да прска агресивни супстанци кои се користат во леарницата, а тие сепак да не му нанесат штета - се‘ додека костумот издржува.