Шеф на тајната служба- нов романски премиер
7 февруари 2012Романскиот претседател Трајан Басеску му доверил мандат за состав на нова влада на директорот на Службата за разузнавање Михај Разван Унгурјану.
Четириесет и три годишниот историчар и поранешен министер за надворешни работи Унгурјану има десет дена за да формира кабинет и да подготви владина програма, како и да побара гласање на доверба во Парламентот.
Медиумите објавуваат дека тој има добри шанси да му биде изгласана доверба, бидејќи владејачката центристичка коалиција го контролира парламентарното мнозинство.
Досегашниот премиер Емил Бок вчера поднесе оставка по повеќенеделните протести против неговиот курс на штедење. Во образложението истакна дека со овој чекор се надева на „намалување на тензиите на политичкки и социјален план во земјата“. Четириесети петгодишниот Бок на чело на романската влада беше од крајот на 2008-ма година.
Тој презеде серија тешки реформи, најголемиот дел од нив заради остварување на барањата на ММФ и Светската банка, кои во 2009-та година и’ одобрија кредит на земјата од 20 милијарди евра. Во 2010-та година романската влада го зголеми данокот од 19 на 24 проценти и ги намали платите на вработените во јавниот сектор за речиси една четвртина, за да го намали буџетскиот дефицит.
Автор: Жана Ацеска /АМ/дв/миа
Редактор: Б. Георгиевски