1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на ЦИА се повлече поради љубовна афера

Александар Методијев /афп/ап/ројтерс/миа10 ноември 2012

Директорот на ЦИА Дејвид Петреус поднесе оставка на функцијата поради љубовна афера и стави крај на брилијантната кариера, во која служеше и како командант за време на војните во Ирак и Авганистан.

https://p.dw.com/p/16gTz
Фотографија: Karen Bleier/AFP/Getty Images

Повлекувањето од функцијата го шокираше Вашингтон на само три дена по повторниот избор на американскиот претседател Барак Обама и кратко пред сведочењето на Петреус за обвинувањата дека ЦИА потфрлила во соодветната заштита на американскиот конзулат во Либија.

„По 37 години брак започнав вонбрачна врска. Вакво однесување е неприфатливо и за сопруг и за раководител на организација како нашата“, наведува Петреус во соопштението за оставката.

Љубовната врска, поради која Петреус поднесе оставка, била со Паула Бродвел, која е автор на биографска книга за генералот. Аферата изби во јавност по проверката на компјутерот кој го користел Петреус, бидејќи постоеле сомневања дека Бродвел имала пристап до електронската пошта на генералот, информираа бројни американски медиуми, повикувајќи се на владини извори. Таа не одговори на барањата за коментар на случајот.

Barack Obama verkündet Petraeus als Nachfolger
Претседателот Обама ја прифати оставката на ПетреусФотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот Барак Обама ја прифати оставката на директорот на ЦИА, пофалувајќи го него како еден од најистакнатите генерали од неговата генерација и истакна увереност дека разузнавачката агенција ќе продолжи да напредува. Обама додаде дека во неговите мисли и молитви се Петреус и неговата сопруга. „Им посакувам се’ најдобро во ова тешко време“, додаде Обама. Привремено на чело на ЦИА ќе биде заменикот на Петреус.

„Неговиот заменик Мајкл Морел времено ќе ја извршува должноста шеф на ЦИА“, изјави директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер.

Федералното биро за истраги (ФБИ) вчера (09.11) најави дека веќе води истрага против љубовницата Бродвел поради нејзините обиди да дојде до доверливи информации за време на нејзината врска со генералот Петреус. ФБИ соопшти дека самиот генерал не е под истрага, а дека се’ уште е рано да се утврди дали против Бродвел ќе биде покренато кривично обвинение.

И Петреус и Бродвел се во брак, со по две деца. Генералот Петреус беше споменуван како можен претседателски кандидат на Републиканската партија, или како потпретседателски кандидат и кандидат за секретар за одбрана, во случај Републиканците да ја освојат Белата куќа.