1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шекеринска-кандидат за премиер?

20 април 2011

Партискиот врв на СДСМ најверојатно ќе ја номинира Радмила Шекеринска за иден мандатар доколку опозицијата победи на вонредните избори или добие шанса да формира идна влада.

https://p.dw.com/p/10wyi
Радмила Шеќеринска
Радмила ШеќеринскаФотографија: Petar Stojanovski

Попладне Централниот одбор би требало да ја одобри стратегијата според која лидерот Бранко Црвенковски само ќе ја предводи партиската кампања, со шанси од следниот, мајски, конгрес и да не биде натамошен лидер на соцјалдемократите или повлекувањето од партискиот врв да го направи по една година. Во таков случај, не е исклучено, партиски шеф да биде Гордан Георгиев, од младата и нова генерација кадри кои ги промовира актуелниот челник на СДСМ. Како што дознава Дојче веле од високи партиски извори во СДСМ, на вечерашната прослава - две децении од трансформирањето на екс-комунистите од СКМ-ПДП во Соцјалдемократски сојуз, се очекува да се објави изборен тим, но не и влада во сенка.

Потпирање на млади луѓе

Носителите на промени треба да ги предводат струмичкиот градоначалник Зоран Заев, потпредседателот на партијата за економија Зоран Јовановски, а меѓународната политика да му биде препуштена на универзитетскиот професор Стево Пендаровски, советник за национална безбедност на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во игра е и универзитетскиот професор Ана Павловска Данева, а не е исклучено и неколку новинари да бидат кандидирани за пратеници. Подмладување и освежување, тоа е новата кадровска стратегија со која актуелниот лидер на соцјалдемократите, ќе го исполни јавното ветување дека тој нема да биде премиер, ако успеат да го победат ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев до последен момент во игра како кандидат за премиер
Зоран Заев до последен момент во игра како кандидат за премиерФотографија: Macedonian Information Agency

Пресудни партиските сондажи и сигнали на странски дипломати

Радмила Шеќеринска беше лидер на СДСМ, откако на конгрес му беше изгласена недоверба за тогашниот нејзин ривал и екс-премиер Владо Бучковски. Но и таа ја изгуби изборната трка со ВМРО-ДПМНЕ предводен од лидерот Никола Груевски, но за парлментарниот состав 2008 година. Признавајќи го поразот, веднаш потоа, Шеќеринска се повлече од лидерската позиција. Во меѓувреме таа, како опозиционер, го водеше Националниот совет за евроинтеграции во македонскиот парламент. Остана запаметена по ефикасното водење на владиниот тим за одговорите на речиси 3 илјади прашања од ЕУ, пред шест години, по што Македонија, во Брисел, доби и кандидатски статус.

Трката-Шеќеринска или Заев за можен премиер траеше до последен момент, а превагнале интерните партиски сондажи, како и примените сигнали од некои западни дипломати во Скопје кои предност и‘ дале на долгогодишната партиска активистка од најраните денови на СДСМ.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска