1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шведска: Проблемот со лажните азиланти е драматично зголемен

ЖА/макфакс31 јануари 2013

Шведска инсистира на воведување механизам за суспензија со кој безвизниот режим може да биде ставен привремено надвор од сила, доколку има негова злоупотреба.

https://p.dw.com/p/17VVT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шведска не заговара повторно воведување на визи за граѓаните од западниот Балкан кои патуваат во ЕУ, но инсистира на воведување механизам за суспензија со кој безвизниот режим може да биде ставен привремено надвор од сила доколку има негово злоупотребување, изјави шведскиот министер за миграции и политики на азилот, Тобиас

Билстром. Тој прецизираше дека станува збор за мерка која би се применила доколку се воочи засилен прилив на лажни азиланти, потсетувајќи дека Шведска меѓу првите побара од Европската комисија преговори за Европскиот парламент во „пакетот“ закони за визите вгради т.н. суспензивна клаузула. Билстром во интервјуто што во четвртокот го објави сараевскиот дневен весник Дневни аваз, истакнува дека станува збор за проблем кој повторно доби на значење.

„Ние неодамна повторно побаравме овој процес (на преговарање), да продолжи и истакнавме дека таа работа е итна“, вели шведскиот министер за миграција и азилантски политики.

Билстром истакнува дека неговата земја се соочува со голем прилив на лажни азиланти од западниот Балкан уште од 2009 година кога започна процесот на укинување на визите за граѓаните од овие држави, а тој проблем, како што вели, „драматично се зголемил“ во последниот период.

„Овој тренд за мојата земја е многу загрижувачки и како министер јасно кажав дека е неприфатливо толку луѓе да доаѓаат во нашата земја и да предаваат барање за статус на азиланти без оглед на фактот дека тие воопшто немаат право на тоа“, вели Билстром.

Со слични проблеми, како што додава Билстром во интервјуто, се соочуваат и Белгија, Луксембург, Германија, Холандија а во последно време и Австрија. Вели дека Шведска нема намера да ги менува своите закони за азил, меѓутоа на надлежните служби веќе им се дадени упатства да ги забрзаат постапките за разгледување на барањата за азил.

Билстром изразува очекување дека за воспоставување на суспензивната клаузула за безвизниот режим ќе стане збор на состанокот на Советот за правда и внатрешни работи ан ЕУ кој треба да се одржи на 7-ми и 8-ми февруари, а разговорите за тоа следата и во текот на март.

Тој појаснува дека Шведска очекува да се постигна согласност за тоа дека една или повеќе членки на Европската унија може да се одлучат за суспензија на безвизниот режим со една или повеќе земји и повторното воведување на визите.

Според достапните податоци што се наведуваат, најголем број лица коишто поднесуваат барања за азил во некоја од државите членки на ЕУ пристигнуваат од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина.

Мнозинската етничка група меѓу нив ја сочинуваат Ромите, а процените на властите од државите од западниот Балкан, како и државите во кои тие бараат азил, е дека тоа се прави за неколку месеци да се обезбеди парична помош која се издвојува додека трае постапката за обработка за одобрување на азилот.