1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарските банки со стратегија за чисти пари

Даниел Хехлер / Александар Методијев22 јуни 2013

Швајцарските банки на странските клиенти почнаа да им испраќаат писма со кои бараат потврда дека орочените парични средства се оданочени во земјата на нивното потекло. Во спротивно се заканува прекин на деловната врска.

https://p.dw.com/p/18kwm
Фотографија: picture-alliance/dpa

За многумина минувањето на швајцарската граница е нешто со неизвесен исход. „Добар ден. Ве молам пријавете ги стоките што ги носите“ - оваа реченица се слуша редевно при минувањето на швајцарската граница. Грешниците што носат „црни пари“, за кои во Цирих стана многу жешко, мораат да поминат кај него - граничарот. Граничниот премин Битинген е како иглени уши меѓу Швајцарија и Германија. Цариниците со текот на годините развија истенчено чувство за нервозни патници. Дозволени се 10.000 евра во кеш. Кај еден од патниците царинските службеници се посомневаа - со право.

„На телото на човекот беа пронајдени 35.000 американски долари, кои претходно не беа пријавени“, вели цариникот Кристијан Милер.

Само еден од многуте случаи. Нервозата кај затајувачите на данок расте. Нивните пари треба некако да излезат од Швајцарија. Фантазијата нема граници.

„Постојат неограничени можности за прикривање - во покривот на возилото, под акумулаторот, под кучето, во детското седиште, а се кријат и во децата“, објаснува Милер.

Банкарите на циришкиот Парадеплац се согласни со ова. Главно е тие да не се заморуваат веќе со темата „црни пари“. Негативните медиумски наслови беа поради Ули Хенес, новите ЦД-а со даночни податоци, рациите и истрагите. Имиџот на Кредит Свис, УБС и Јулиус Бер е нарушен. Сакаа конечно да си ги „измијат рацете“, смета поранешниот супервизор на цени и банкарски експерт Рудолф Штрам.

Schweiz Bank Credit Suisse
Банките почнаа да праќаат писма со предупредувања до своите клиентиФотографија: picture-alliance/dpa

„Голем дел од швајцарските банки, од неодамна дури и приватните банкари и странските банки во Швајцарија, имаат намера да се ослободат од клиентите со црни пари. Не поради љубов или морал, туку затоа што притисокот од странство стана голем“, вели економскиот експерт и писател Рудолф Штрам.

Акционерите во УБС можеби ќе жалат за убавите профити благодарение на превисоките такси на црните пари. Неодамна на генералното собрание шефот на УБС Вебер најави нова, бела ера.

„Како претседател на Надзорниот одбор се изјаснувам за реалност на чисти пари“, рече Аксел Вебер, претседател на Надзорниот одбор на УБС.

На многу клиенти со скриени пари оваа порака им беше испратена отворено и недвосмислено. Преку писмо Кредит Свис побара потврда од германски даночен советник дека сите приходи се соодветно оданочени. Во спротивно, се заканува исфрлање. Приватната банка Каутс на писмено учтиво укажува веднаш да се преиспита можност за регулирање преку самопријавување.

Карстен Ранд ја познава оваа област. Тој овие денови многу често патува во својата циришка канцеларија. Неговите загрижени клиенти преферираат таму да се сретнат со него. Искусниот даночен советник од Бон тешко успева да стаса да ги сработи пријавите што клиентите лично ги поднесуваат.

.
Клиентите мораат да достават потврда за оданочени парични средстваФотографија: picture-alliance/dpa

„Банките им се обраќаат на клиентите многу фокусирано - тие разјаснуваат дека повеќе нема да се цени клиентот кој во Германија не плаќа даноци и, во зависност од банката, потоа меѓу другото му се сугерира на клиентот дека бизнис-релацијата ќе биде прекината“, вели адвокатот и бизнис-консултант Карстен Ранд.

Ранд со задоволство објаснува зошто доброволната пријава е нешто прекрасно. Во принцип таа е едноставна и евтина - чини само 15 проценти од вложените средства. Така повторно ќе се спие мирно.

„Не е неопходно пред јавното обвинителство или пред суд да се обезбедуваат дополнителни информации. Не мора да се покаже покајување“, додава тој.

За банките ќе биде прилично напорен процесот на „перење“ на илјадници даночни затајувачи. УБС за тоа треба да задолжи 100 свои вработени. Другите банки се’ уште чекаат. Порано или подоцна Швајцарија ќе мора и без нови билатерален договор да се ослободи од црните пари.

„Во тек е целосна промена во однесувањето. Во споредба со изминатите децении, сега банкарите се подготвени да соработуваат, пред се’ за прашањата на даночно затајување. Тоа со децении не беше случај“, вели економскиот експерт Рудолф Штрам.

Наскоро во царинската служба во Битинген би требало полесно да се минува. Колку повеќе испрани гревови, толку помалку пролеана пот ќе има на последните метри од швајцарската територија.