1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шварц: Не верувам во ново грчко вето во јуни!

Силвера Падори-Кленке15 април 2013

Пред објавување на извештајот на Европската комисија за РМ, д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика, во разговор за ДВ подвлекува дека на Грција сега ќе и‘ биде тешко да стави уште едно вето за Македонија.

https://p.dw.com/p/18E6e
Фотографија: Fotolia/Bastos

„Регуларно спроведените локални избори за Македонија се вистинска пресвртница. Немаше забележителни истапи кои би го ставиле под прашање изборниот резултрат. Во овој смисол, за Македонија сега се отвора прозорец на можности. За очекување е дека извештајот на Европската комисија ќе биде позитивен со што ќе се подобрат и амбициите - Македонија во јуни од Европскиот совет да го добие датумот за официјалниот почеток на пристапните преговори. Сметам дека со ваквиот тек на случувањата, на грчката влада сега ќе и‘ биде тешко и натаму да става вето, позиција со која успеваше да го спречи отворањето на пристапните преговори на Унијата со Македонија“, вели за ДВ д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика од универзитетот Дуизбург - Есен.

Променети тенденции

По најновите разговори на медијаторот Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач околу спорот со името, во медиумите имаше многу шпекулации околу можниот предлог. Се слушнаа меѓутоа и мислења дека Грција и на наредниот Европски совет нема да попушти и ќе стави вето, со што би се повторило сценариото од минатите години. На прашањето - колку ваквите песимистички претпоставки се реални, д-р Шварц одговара:

„Мора да се каже дека станува збор за демократска постапка, односно и натаму важи барањето на едногласност при одлучувањето во Европскиот совет. Во овој смисол, Грција во изминатиот период го користеше своето право кое го има според договорот. Сега прашање е до кога, колку долго Грција ќе може да се повикува на ова право? Мора да се каже дека во меѓувреме, во рамките на Европската унија, се препознава јасна тенденцијата дека во интерес на Македонија е преговорите да се отворат. Ова, меѓутоа, не значи дека сега на Македонија ќе и‘ олесни и ќе и‘ биде едноставно. Сосема спротивно, ќе биде уште потешко, зашто впечаток е дека зад спорот со името владата забошотува многу работи. Во ситуација кога ќе се отворат пристапните преговори ова ќе биде тешко понатаму да се практикува, зашто со почетокот на скринингот, како што во декември впрочем беше побарано, ќе се стартува со поглавјата 23 и 24 - судството, основните права и слободи. Тоа се тешки поглавја со кои Македонија ќе биде обврзана да ги испорача и очекуваните резултати“, коментира д-р Шварц.

Dr. Oliver Schwarz
Д-р Оливер ШварцФотографија: privat

Тој, и покрај целата ситуација која е обременета со дилеми и нејаснотии, е оптимист:

„Уште еднаш би подвлекол дека кога е во прашање приближувањето на Македонија кон ЕУ, Грција сега е во комплицирана ситуација и не верувам дека ќе може во јуни уште еднаш да ги убеди европските партнери да употреби вето за давање датум за пристапните преговори доколку Европската Комисија тоа јасно го побара од Европскиот совет“, коментира за ДВ д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика од Универзитетот Дуизбург-Есен.