Шарен свет - пионерите на фотографијата во боја
Во 1907. година браќата Лимиер во Франција на пазарот пласираа револуционерно откритие - фотографија во боја. Банкарот Албер Кан беше одушевен и стартуваше со својот „Архив на планетата“ - фотографиите како образование.
Нов свет на фотографијата
Во 1907 година браќата Лимиер во Франција на пазарот извадија револуцинерно откритие - фотографија во боја. Банкарот Албер Кан бил воодушевен и дал налог за отворање „Архив на планетата“. Браќата Лимиер го изумија процесот со обоени зрнца скроб од компир (автохром) и тоа е првата применлива постапка за фотографирање во боја, воведена во пракса. На фотографијата - Ајфеловата кула во 1911 година.
Пронаоѓачки дух
Французите Луј и Огист Лимиер долго време работеле на своето откритие. Тие станаа познати во 1895 година, кога го патентираа својот кинематограф. Во 1907 година ја презентираа фотографијата во боја, достапна за секого. Во Германија имаше дури и колекција фотографии во боја, отпечатени за келнската фабрика за чоколадо „Штолверк“.
Генијална рекламна стратегија
Браќата Лимиер не биле само иноватори, туку и одлични рекламни стратези. За да ја направат позната својата нова техника на фотографирање, тие на сите важни уметнички фотографи во Европа и Америка им испратиле пакетчиња со своите посебни стаклечни плочи, со молба да ги испробаат. На фотографијата - млад брачен пар, веднаш по венчавката во едно фото-ателје во Шведска (1910).
Архив на планетата
Францускиот банкар Албер Кан, еден од најбогатите луѓе во светот, го испратил својот возач на патување со задача да направи фотографии со новите плочи за фотографирање. Воодушевен од резултатот, Кан во 1908 година ги испратил најдобрите светски фотографи на патување низ светот со задача да ги документираат различните култури на нациите. Овде - жени во традиционални носии на Крф (1913).
Разбирање меѓу народите преку културата
Она што амбициозниот „Архив на планетата“ на Албер Кан го разликува од тогашните туристички фотографии е документарниот аспект и увид во лицата и секојдневието на различните светови. На фотографијата - пазарот во Сараево (1912). Додека велесилите се вооружувале за светска војна, овој космополит сакал да го донесе во Европа знаењето за странските култури, со цел - глобално разбирање меѓу народите.
Фото-предавања за образование на народот
Фотографиите во боја им биле прикажувани на граѓаните заинтересирани за културите. „Албер Кан во својата куќа имал салон за париското општество и таму инсталирал кино“, раскажува историчарот на фотографија, проф. Ролф Заксе. Со тим куратори тој ја постави изложбата „1914 - светот во боја“. Дел од нејзе беше и познатиот Стари мост во Мостар/БиХ (1913).
Почит за малцинствата
Фотографите кои патуваа долж Европа се‘ до Азија, имаа задача да го фотографираат и секојдневието и малцинствата во дадените земји. „Во Србија се фотографирани Албанци, во Истанбул - Ерменци, а во Босна - христијани“, вели Ролф Заксе. Оној кој во текот на долготрајната експозиција не издржал мирен, на фотографијата потоа излегувал матен.
Авантуристичка фото-експедиција
Тешката фотографска опрема морало да се транспортира на товарни коли. Стаклените плочи, околу 300 до 400 по експедиција, биле сместени во меко обложени кожни ковчези. Освен тоа, се носеле и стативи и фотоапарати. Она што се фотографирало во текот на денот, се развивало уште истата вечер во шатори кои служеле како темни комори. Овде - експедиција на кинеската граница кон Монголија.
Мисија за светски мир
Фотографите имале задача да ги фотографираат и верските лидери. Овде, во близина на Улан Батор, позира осмата инкарнација на монголскиот Јалканз Кутугту (1913). Фотографиите подоцна се користеле на предавањата во Париз на катедрата за „човечка географија“. Албер Кан ја финансирал катедрата за да помогне во образованието на идните стручњаци по општествени науки.
Фасцинирани од техниката
Домородците, како овие Брамани од Индија, кои позирале за француските фото-пионери, најчесто првпат гледале фотограф. „Фотографирањето било постапка која била резервирана за високите слоеви“, објаснува проф. Ролф Заксе. Но фасцинацијата од техниката и опремата за фотоапаратите брзо го победувала стравот и срамежливоста пред странците од Европа.
Икони на фотографијата во боја
Дел од задачата на фотографите било документирање и на туристички мотиви, како Таџ Махал во Индија или пирамидите во Гиза. Дотогаш не биле видени како излегаат во природа, зашто постоеле само обоени разгледници. Нивното прикажување во Париз привлекло големо внимание. Албер Кан собрал 70.000 дијапозитиви од светот, а имал и околу 200 часа филмски материјал.
Крај на визионерскиот проект
Семејство во Париз, 1914-та. Мировниот проект на Албер Кан - да направи фотографски архив на планетата Земја, завршил во годината кога почнала Првата светска војна. Кан во 1929 година, поради падот на берзата, го загубил целото свое богатство. Умрел во крајна сиромаштија во 1940 година, непосредно по окупацијата на Франција од страна на нацистите.