1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070610 Vorschau WM Südafrika

11 јуни 2010

Во Јужноафриканската Република денеска (11.06.2010) почна Светското првенство во фудбал. Првиот натпревар го одиграа домаќините и екипата на Мексико со нерешен резултат, еден спрема еден.

https://p.dw.com/p/Nnxh
Шакира во ЈАРФотографија: AP

Со огромен шарен спектакл и заглушувачкиот звук на десетици илјади вувузели, афикански музички дувачки инструменти, во присуство на околу 90 илјади гледачи во Јоханесбург во Јужноафриканската Република започна 19 светско фудбалско првенство. Првенството инаку го отвори јужноафриканскиот претседател Јакоб Зума.

Поранешниот јужноафрикански претседател и борец против апартхејдот Нелсон Мандела не присуствуваше на отворањето, иако беше најавен, поради трагичната смрт на неговата правнука доцна синоќа. Зенани Мандела го загуби животот во сообраќајна несреќа во Јоханесбург.

При сета еуфорија околу големиот спортски настан, до последен момент постоеја сомневања дали ЈАР е дорасната на предизвикот да организира настан од вакви размери. Се ветува најшареното, најбучното и најемоционално првенство досега. „Ова ќе биде посебно Светско првенство, обележано со единственоста на африканското искуство“, убедува Мартинус ван Шалквик, министер за туризам на Јужноафриканската Република.

16 години по крајот на апартхејдот, земјата го организира првото светско првенство досега на африканска почва. Рајнер Цобел, германски тренер на професионалниот фудбалски клуб „Морока Сволоус“ од Совето, предвидува: „Ова ќе биде многу шарено, со многу танц и многу гласно Светско првенство. Малку поинакво првенство, пред се‘ на стадионите. Ќе се танцува околу стадионите, во стадионите...како што ќе почне музиката, така луѓето почнуваат да се движат во ритам, понекогаш се движат повеќе од играчите на теренот.“

NO FLASH WM 2010 Südafrika Stimmung
Фотографија: picture alliance augenklick/GES

Домаќинот на првенството се надева на 350.000 турсти кои во земјата ќе дојдат специјално за оваа цел. Ним, министерот Ван Шалквик им ветува незаборавни доживувања: „По појадокот, луѓето можат да видат носорози, слонови, лавови. Попладне одат на фудбалски натпревар, а навечер се повторно во африканските грмушки на скара. Нашите гости ги очекуваат посебни и специјално африкански настани.“

Различни градови, различна клима

Во текот на четирите недели од првенството, во фокус се пред се‘ деветте градови домаќини. Тие ја одразуваат разноликоста на земјата, која себеси се подразбира како нација-виножито. „Има многу различни впечатоци, тука се вбројуваат и климатските. Дурбан е суптропски, Јоханесбург е на надморска височина од 1800 метри, а Кејптаун на Атлантикот има медитеранска клима“, објаснува Роберт Хормс, германски раководител на проектот со стадионот во Кејптаун.

Fußball WM 2010 Südafrika Soweto Impressionen
Фотографија: picture alliance / dpa

На десет стадиони ќе се играат 64 натпревари. „Ние ги имаме најдобрите стадиони на светот“, вели гордо Дени Џордан, шеф на Организациониот комитет на СП. Во изградбата на три од стадионите беа вклучени и германски ахритекти.

Според ФИФА, досега се продадени 97% од вкупно три милиони влезници. Се очекуваат проблеми при транспортот до стадионите, зашто и покрај напорите, јавниот сообраќај не го пружа она што би требало. Високите стапки на криминал се исто така тема за која се зборува, но како што убедува Тереза Беј-Милер, од туристичкиот сојуз на ЈАР... „Во последните години сме биле домаќини на 146 манифестации и досега не се случило ништо.“

Фаворити за освојување на титулата, меѓу 32-те екипи, се Шпанија и Бразил, но според селекторот на германската фудбалска репрезентација Јоахим Лев, би требало да се смета и на неговиот тим: „Ние во секој случај сме дел од фаворитите. Нашата цел е се разбира, да бидеме први.“

Автор: ЕМФ/ЖА /Арнулф Бетхер/ дпа

Редактор: Александра Трајковска