1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шанса за соживотот

1 септември 2009

Наспроти пролетните прекини на наставата поради тепачките мегу учениците Македонци и Албанци, денеска (01.09.2009) учебната година во двата средношколски центри во Струга започна во мирна и релаксирана атмосфера.

https://p.dw.com/p/JNAT
Споровите се минатоФотографија: Petr Stojanovski

Инцидентите биле продукт на тесниот простор на кој се одвива наставата, но и на предизборната кампања и наметната нетрпеливост пренесена меѓу ученците, тврдат професорите. Денеска беше видлива заложбата и на локалната власт да обезбеди оптимални услови за настава се до ветената изградба на нови средни училишта во Струга и Велешта.

Мешани етнички смени

Јазичните смени како привремено решение се минато. Во Струга ученците во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“ учебната година ја започнаа во мешани етнички смени. Со ова раководствата на училиштата, локалната власт и родителите Македонци и Албанци уште еднаш му даваат шанса на соживотот. Меѓу учениците и професорите и своите најблиски соработници беше и градоначалникот Рамиз Мерко:

„Сфативме дека е неминовност е заедничкиот живот, заедничкото дружење, заедничкото учење и заедничкото пиење кафе и се‘ заедничко во мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална Струга “.

Постојат сите услови за нормална настава

„Ги создадовме сите услови учебната година да се одвива нормално, вели Никола Затуровски, новиот директор на училиштето „ Нико Нестор.“

Struga Innenstadt, Mazedonien
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

„Мислам дека и родителите и децата се задоволни по вчера одржаните родителски средби. Самите тоа го истакнаа и сигурен сум и се надевам дека нема да има никакви проблеми во нашето училиште во иднина.“

Во еден двор функционираат две средни училишта, „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо.“ Во двете се образуваат околу 3000 ученици. Како да се избегнат несаканите инциденти ? Муса Мусаи директор на училиштето „Ибрахим Темо“ решенито го гледа во меѓуетничката соработка и толеранција:

„Имаме деца кои доаѓаат од село во град. Тие деца треба да се социјализираат. Имаме најмногу проблеми со родителите. Сакам родителите почесто да бидат во училиштето. Така соработката професор- родител-ученик и меѓу структурите во училиштето треба да функционира. Така сигурно ќе ги натераме учениците своите незадоволства, дали кон наставата или некој свој соученик или кон некој во нашето училиште, да ги искажат преку стручните органи во училиштето. Во моменти кога имаме изборни кампањи, тие треба да бидат културни, на државно и на регионално ниво, а не да предизвикуваат омраза помеѓу луѓето. Така ќе имаме еден голем душевен мир.“

Проект со поддршка на ОБСЕ

По една недела ќе започне мултиетнички проект поддржан од ОБСЕ, изјави директорот Затуровски :

„Во него ќе бидат вклучени вкупно 100 деца, по 50 Македонци и исто толку Албанци. Тие ќе другаруваат и спортуваат. За нив има награди, топки и сместување во одредени хотелски капацитети.Тоа ќе биде одлично дружење. “

Локалната власт не остава ништо на случајот. Се‘ со цел пролетните инциденти да не се повторат.

Schule Niko Nestor
Училиштето „Нико Нестор“Фотографија: Petr Stojanovski

Во соработка со ЈЕДП и министерството за образование преку проект ќе го огради училиштето, следи обезбедување видео надзор на двете училишта, а ќе се легитимираат и сите кои влегуваат и излегуваат во и од училиштата. Крајна цел е изградбата на две нови училишта со капацитет од 1200 ученци во Струга и Велешта , заклучува градоначалникот Мерко :

„Мислам дека тендерите се завршени, избрани се изведувачите. Се подготвува документацијата. Вчера се веќе дадени локациски услови за едното училиште, а се подготвува документација и за другото училиште. Мислам дека за брзо време ќе ги поставиме камен-темелниците за двете училишта во Струга и Велешта. “

Поделеноста на учениците по етничка основа и покрај се‘ и денеска беше видлива во Струга. Но обидите кои се прават да се избегне паралелниот живот одат во вистинска насока.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска