1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шампионски танц на Борусија (Д)

Оливија Фриц26 март 2012

Тимот од Дортмунд ja продолжи серијата од 21 меч без пораз. Бајерн ја одржа разликата од пет бода. Шест тима во борбата за опстанок

https://p.dw.com/p/14S93
Фотографија: Reuters

Со шест гола во мрежата на Келн, Борусија Дортмунд се зацврсти на врвот на табелата во Бундеслигата. Актуелниот првак одигра одличен меч на гостувањето во Келн. И покрај водството на домаќините од 1:0 уште во 13-та минута, Борусија експресно се врати во игра, и со шест гола едноподруго, заклучно со 84-та минута, го одлучи мечот.

Борусија сега со 62 бода ја задржа предноста од пет бода пред Бајерн Минхен на врвот. Келн, пак, по 15-от пораз во 27-от меч сезонава и дефинитивно длабоко загази во борбата за опстанок.

Во вториот меч одигран во неделата, Штутгарт ја продолжи успешната серија совладувајќи го Нирнберг со 1:0 пред своите навивачи. Единствениот гол го постигна Какау во 78-та минута. Со трите бода Штутгарт се искачи на седмата позиција на табелата која води во Лига Европа. Нирнберг со 32 бода е на средината на табелата, но поблиску до дното отколку до врвот.

Шалке ја фиксираше Лигата на Шампионите

Во саботата, во дербито Бајерн го совлада Хановер со 2:1, иако неочекувано се намачи за да стигне до бодовите. Во локалниот дуел на Шалке и Бајер Леверкузен, поуспешни беа домаќините во Гелзенкирхен, кои со трите бода, речиси обезбедија пласман во Лигата на Шампионите, следната сезона. Шалке е на третата позиција со 53 бода, додека Леверкузен остана на петтото место со освоени 40 поени.

Fußball Bundesliga, 27. Spieltag
Фудбалерите на ШалкеФотографија: picture-alliance/dpa

Од голема помош за Шалке беше и неочекуваниот пораз на Борусија Менхенгладбах на домашен терен од Хофенхајм од 2:1.

Во борбата за опстанок, Херта приреди изненадување на гостувањето кај Мајнц, победувајќи со 3:1. Аугсбург, пак, се избори за бод во Бремен против Вердер, со израмнувачки гол за 1:1 во последната минута. Дуелот на дното му припадна на Фрајбург кој го совлада Кајзерслаутерн со 2:0. На „фенерџијата“ Кајзерслаутерн не му помогна ниту тренерската смена и доаѓањето на Бугаринот Красимир Балаков на клупата.

Во петочното отворање на 27-то коло, Волфсбург на домашен терен го совлада Хамбургер со 2:1.