1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шалке го стигна Баерн, катастрофи на Фрајбург и Борусија Менхенгладбах

6 декември 2004

Возбудлива завршница на есенскиот дел од првенството во фудбалската Бундеслига со тројца кандидати за првото место и расположени стрелци, како и успешни настапи на германските претставници во зимските спортови – тоа се карактеристиките на изминатиот викенд на спортски план.

https://p.dw.com/p/Aelp
Салихамиџиќ исклучен, Баерн не оствари повеќе од 2 спрема 2 во Нирнберг
Салихамиџиќ исклучен, Баерн не оствари повеќе од 2 спрема 2 во НирнбергФотографија: AP

Мал кикс на Баерн и веќе е оспорена неговата лидерска позиција во првенството: ѕвездите од Минхен во Нирнберг одиграа само нерешено 2 спрема 2, иако имаа водство од 2 спрема 1 и 50 минути играч повеќе на теренот по исклучувањето на Волф поради втор жолт картон. Рамнотежа – персонална и резултатска - настана со прекршокот што го направи Салихамиџиќ, поради што беше исклучен, и реализираниот пенал за домаќинот. Разбирливо, во таборот на Нирнберг со задоволство се зборува за високиот морал на екипата, а тренерот и менаџерот на Баерн грмат од незадоволство поради “божиќниот подарок”.

Баерн остана на првото место, но сега со ист број бодови како и второпласираниот Шалке. Еден гол му беше доволен на тимот од Гелзенкирхен за победа во соседското дерби против Борусија пред 83 илјади гледачи во Дортмунд. Бразилецот Аилтон, голгетер на претходното првенство, но тогаш во дресот на Вердер, конечно и како играч на Шалке се покажа како човек за одлука: “За мене тоа беше најдобриот натпревар во сезоната, ова денеска беше сензационална игра” – воодушевен беше Аилтон, отфрлајќи ги критиките дека резултатот можел да биде и поубедлив: “И со победа од 3 или 4 спрема нула – тоа се само три бодови. Ако победиш со 1 спрема 0 тоа се исто така три бодови”. Бернд ван Марвајк, тренерот на Борусија и натаму соочен со извонредно тешка ситуација – тимот падна на 14-тото место меѓу тимовите во борба за опстанок во лигата: “Правам се‘ за да ја извлечам екипата и нема да мирувам додека не се случи тоа”. Тој може да смета на поддршка како од тимот, исто така и од клупското раководство: “Ние веќе честопати нагласивме дека стоиме зад тренерот и сме многу задоволни. За жал, сега не можеме да му се заблагодариме со бодови” – вели репрезентативецот Себастијан Кел. “Денеска не можев да констатирам никакви дефицити, ни на играчки, ниту на позиционен и тактички план. Значи – не можам да ја сфатам критиката. Тој ќе остане овде тренер” – категоричен е и новиот претседател на Борусија Рајнхард Раубал.

Добра партија во ова коло прикажа и Штутгарт – по победата од 5 спрема 2 против Бохум, сега од трета позиција со три бодови помалку од Баерн му се заканува на водечкиот тим, на кого му гостува во последното коло од овој дел: “Ако играме вака, имаме шанси и во Минхен”, оцени голманот Тимо Хилдебранд. Дури и вообичаено воздржаниот тренер Матијас Замер вели: “Натпреварот може да дојде. Ние сме во добра форма”.

Покрај овие средби, уште два дуела посебно го свртуваат вниманието: Фрајбург и Борусија Менхенгладбах доживеаја кошмарен викенд. За Фрајбург бродолом на домашен терен – 6 спрема 0 пораз од Вердер. Во шампионскиот тим повторно за збор се јавија Гркот Харистеас, троен стрелец, и репрезентативецот Мирослав Клозе како двоен стрелец, со што тој веќе стигна до делба на второто место на листата на стрелците со 10 голови, колку што има и Бакли од Арминија; Минтал од Нирнберг и натаму е осамен на врвот со 13 погодоци. За Фолкер Финке 7-от последовен пораз не значи и опасност од отказ: ако 14 години ги покажуваше своите квалитети, не ги загубил ни во 15-тата, коментира претседателот на клубот Ахим Штокер.

Катастрофално помина и Борусија Менхенгладбах, која од гостувањето кај херта во Берлин се враќа со 6 голови во мрежата. Реномираниот тренер од Холандија Дик Адвокат вели дека не памти сличен дебакл во кариерата како клупски тренер, а за тренарот и репрезентативец Кристијан Циге тоа е најлошата шлаканица во животот. Борусија е на 15-тото место – чекор до позициите што на крајот водат во втората лига.

Ханза Росток со бодот освоен на гостувањето кај Арминија во Билефелд е на пат кон подобрување, иако ситуацијата е натаму е критична: претпоследно место со само 10 бодови, колку и Фрајбург зад неа и 4 помалку од Бохум кој е едно место погоре.

Хановер со трите бодови освоени во Хамбург сега е веќе на 4-тото место на табелата, Баер Леверкузен уште еднаш успеа водството на гостите – во случајов Волфсбург – да го претвори во своја победа за место во златната средина, а за Кајзерслаутерн победата против Мајнц значи помирен зимски сон.

Поглед кон зимските спортови:

Хилде Герг ја надмина долготрајната криза и по цели две години повторно забележа победа во спуст во рамките на светскиот куп. По третото место во првата трка од новата сезона, 29-годишната германска скијачка во канадскиот центар Лејк Луис во саботата возеше со многу ризик и тоа беше наградено со победничко време. Вчера во супервелеслаломот Герг беше четврта, а Мартина Ертл шеста. “За првиот супервелеслалом тоа беше в ред и сметам дека сега може да се оди и на подобро” – рече Герг. Инаку, победник во супервелеслаломот е светската првенка, Австријката Михаела Дорфмајстер, пред нејзината сонародничка Ренате Гечл и младата Американка Линдзи Кајлдоу.

Рони Акерман вчера победи во натпреварот во нордиска комбинација во Трондхајм – Норвешка. Во скоковите беше трет, но разликата во однос на водечкиот Михаел Грубер од Австрија ја надомести во трчањето на патеката од 7,5 километри. Му го загорчи ли со тоа роденденското славје на Грубер? “Не, мора поинаку да се гледа на работите. Тој денеака го оствари својот најдобар пласман во светскиот куп. Покрај ова, тој трчаше во моја заветрина и му помогнав на тој начин да се избори за место на пиедесталот за тројцата најдобри. Тој е среќен, а и јас се радувам за неговото второ место” – рече победникот Акерман. Тој води во светскиот куп и сега му претстои 4 неделна пауза.

Очигледно непобедливите германски санкачи на крајот од натпреварите од светскиот куп во Лејк Плесид ја забележаа и четвртата победа и тоа во тимскиот натпревар. Давид Мелер и Зилке Краусхаар, како и двојката Себастијан Шмит/Андре Форкер ги оставија зад себе претставниците на Италија и на Австрија. Претходно победи забележаа Мелер, тандемот Шмит/Форкер и Барбара Нидерхубер.

Од коњичкиот спорт: на Мередит Михаелс-Беербаум и беше доволно второто место на натпреварувањето во Минхен, за да ја освои за првпат титулата “Јавач на годината", а со неа и наградата од 250 илјади евра. Со 42 илјади гледачи во Минхен е поставен нов рекорд во посетата.