1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членовите на „Групата од Дреница“ во притвор

ЖА/бета/миа1 јуни 2013

Мисијата на ЕУЛЕКС потврди дека седумтемина поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се во притвор, откако се уапсени доцна синоќа во нивните домови, каде беа во домашен притвор.

https://p.dw.com/p/18iIs
Фотографија: AP

„Судиите на ЕУЛЕКС и на Апелацискиот суд во Приштина ја модифицираа претходната одлука на Основниот суд од Митровица, изменувајќи ја мерката домашен притвор во 30-дневен притвор за седумтемина поранешни припадници на ОВК, осомничени за воени злосторства врз цивилно население. Главната причина за определување на мерката притвор беше опасноста од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците“, се наведува во соопштението на мисијата на ЕУЛЕКС.

Седумтемина, меѓу нив и косовскиот амбасадор во Тирана, Сулејман Селими, како и уште девет други лица, се товарат за воени злосторства врз цивилно население во Ликовац, кај косовскиот град Скендерај.

Селими, според косовските медуми, е осомничен и за убиство. Тој е поранешен командант на генералштабот на ОВК, познат под псевдонимот „Султан“, а по косовската војна беше командант на безбедносните сили на Косово, додека минатата година премиерот Хашим Тачи го именува за прв косовски амбасадор во Албанија.

Освен Селими, меѓу притворените и е претседателот на Општина Скендерај, Сами Луштаку, потоа Јашар Демаку, Сахид Јашари, Зеќир Демаку, Хисни Тачи и Авни Забела.

Адвокатот на Селими, Том Гаши, изјави дека оваа одлука е скандалозна и оти „оваа неправда може да им е во полза само на оние кои од ова очекуваат дестабилизација на Косово“.