1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120309 Porträt Gropius

6 април 2009

Во Германија се одбележува 90-годишнината од основањето на една од највлијателните архитектонски школи во светот. Во градот Вајмар во 1919 година Валтер Гропиус ја основал школата „Баухаус“.

https://p.dw.com/p/HPXo
Фотографија: dpa

Основачот на „Баухаус“, Валтер Гропиус следеше сосема поинаков концепт. Тој уште пред формирањето на „Баухаус“ во Вајмар заговараше архитектура во која „исчезнува личниот белег“. Неговиот идеал беше тимската работа.

Во уметничката школа „Баухаус“, основана 1919 година во Вајмар, тоа начело беше доследно реализирано. Школата беше замислена како своeвидна лабораторија во која никој не ја задава насоката на размислување, туку се негувала култура на интелектуална размена и учителите и учениците учеле едни од други. Самиот Гропиус говореше: „Мене посебно ми беше важно она што го нареков автономија на процесот на учење. Тоа значи да се спречи студентот да го имитира неговиот професор и нему да му се предочат објективните факти на животот. Физиолошки и психолошки и тој со овие средства сам да се надградува.“

Walter Gropius vor Chicago Tribune Building Skizze
Валтер ГропиусФотографија: AP

Зачеток на „новата архитектура“

Гропиус го замислуваше „Баухаус“ како заедница на водечки уметници и оние кои тоа допрва ќе станат, во која уметниците од различни дисциплини би креирале практично се’ од облакодери до шољи за чај. Тоа беше утописка претстава за нов начин на живот, делумно произлезена од урнатините во Европа по Првата светска војна. Гропиус и самиот беше војник во рововите на западниот фронт и таму го доживеа она што го нарече „катастрофа на светската историја“. „Баухаус“ беше негов одговор на тоа, обид за изградба на еден нов подобар свет.

Уште осум години пред основањето на „Баухаус“, во 1911 година, Валтер Гропиус заедно со колегата Адолф Мејер проектираше фабрика, која во тоа време во Германија важеше за надминување на југенд-стилот и револуционерен пример на „новата архитектура“. Со јасни кубични форми и транспарентни конструкции од челик и стакло, која и‘ даваше на градбата дотогаш непозната леснотоја, Гропиус, кој тогаш се’ уште немаше ни 30 години, изгради фабрика, која денес се вбројува во светското културно наследство.

Архитектурата е огледало на животот и времето

Deutschland Architektur Walter Gropius Bauhaus Dessau
Фотографија: picture-alliance/ ZB

„Ракописот“ на Гропиус за национал-социјалистите беше трн в око. Во 1933 година тие ја затворија школата „Баухаус“, која Гропиус ја напушти пет години порано. Тој најнапред емигрираше во Англија, подоцна во САД и им остана верен на своите замисли дека „архитектурата треба да биде огледало на животот и на времето“. Во 1946 година тој во САД го основаше здружението „Архитектс Колаборатив“, во кое можеше во дело да го остварува својот идеал за тимска работа.

„Замислете си, кога градите некоја градба, таа мора да има определена големина и да биде со определен материјал, но обработката на површината може да се направи на начин на кој психичкото дејство на градбата ќе биде променето“.

Психолошкото дејство на неговата архитектура не беше секогаш успешно. Во Берлин Гропиус проектираше цела населба, која го носи неговото име - Гропиусштат. Станува збор за голем комплекс од висококатници со многу светло и зеленило, во кој не само поради проблематичната политика на издавање на становите настана цела редица социјални проблеми. Гропиусштат е повеќе озлогласен отколку прочуен. Но, и покрај тоа „Баухаус“ до денешен ден остана идеал и се смета за највлијателната архитектонска и дизајнерска школа на дваесетиот век.

Автор: Аја Бах / Симе Недевски

Уредник: Жана Ацеска