1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четвртфинале на фудбалската Лига на шампионите: Челзи - Баерн 4 : 2, Милан – Интер 2 : 0

7 април 2005

Извесни надежи за реваншот фудбалерите од Минхен обезбедија во последните моменти од средбата.

https://p.dw.com/p/AelH
Дрогба (15) при постигнувањето на четвртиот гол за Челзи
Дрогба (15) при постигнувањето на четвртиот гол за ЧелзиФотографија: AP

Гол од пенал во последната од трите минути доигрување ги оживеа надежите на Баерн. Долго време германскиот тим, хендикепиран со неучеството на Макај, Пизаро и де Микелис, добро му парираше на домаќинот, иако Челзи на среќен начин дојде во водство уште во 4-тата минута – Коул биеше, топката го закачи Лусио, го смени правецот и го измами голамнот Кан. Баерн изедначи во 52-та минута преку нововлезениот Швајнштајгер. Но, по двата гола на Лемпард во 60-тата и 70-тата минута и погодокот на Дрогба во 81-та Баерн се најде на работ на пропаста. Како своевиден спас беше доживеан голот што од веројатно престрого досуден пенал го реализира Михаел Балак во третата, последна минута од доигрувањето. Како го проследи тој момент тренерот Феликс Магат? - „Со голема воздишка, оти голот повторно не врати во живот. Веќе имавме слична ситуација во преднатпреварите, кога против Арсенал при 3 спрема 0 примивме гол. Тогаш беше тешко за нас во Лондон, сега имаме обратна ситуација. Се разбира, при 4 спрема 1 бевме речиси пред елиминација, а сега имаме добри изгледи во реваншот работите да ги свртиме во наша полза“ – рече Магат.

Со тренерот е согласен и менаџерот Ули Хенес: „Се’ до 1 спрема 1 игравме многу добро, а потоа сосем непотребно ја испуштивме играта од раце. Но, голот на крајот ни дава добри шанси за реваншот – сега сум уверен дека можеме да оствариме 2 спрема 0 или 3 спрема 1. Одамна не сум видел толку добар напаѓач како овој Дрогба – тој беше светска класа“.

За Баерн ова беше 99-ти настап во Лигата на шамионите. Средбата во Лондон ја следеа 40 253 гледачи.

Во Милано, во градското дерби пред 80 илјади гледачи на стадионот „Џузепе Меаца“ во квартот Сан Сиро, Милан оствари предност против Интер од 2 спрема 0. На самиот крај на првото полувреме холандскиот интернационалец Јап Штам со удар со глава го постигна првиот гол, а Украиннецот Андреј Шевченко враќањето по двомесечна пауза поради повреда го круниса со погодок во 74-тата минута. На обата гола им претходеа слободни удари изведени од Пирло.

Во вторникот навечер Ливерпул го победи Јувентус со 2 спрема 1, додека Олимпик Лион и ПСВ Ајндховен играа нерешено 1 спрема 1.

Реванш-дуелите се играат наредниот вторник и среда.