1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четворица тренери против своите бивши клубови

2 март 2012

24-то коло во Бундеслигата, германските медиуми го најавуваат како „коло на повратниците“. Четворица тренери ќе ги предводат своите „нови“ тимови против оние кои некогаш ги воделе

https://p.dw.com/p/14DAD
Јирген КлопФотографија: AP

Шампионот Борусија Дортмунд ќе ја брка осмата, рекордна, по ред победа во првенството во дуелот против Мајнц. Дуелот ќе биде „зачинет“ и со фактот што тренерот на Дортмунд, Јирген Клоп долги години го предводеше Мајнц.

Во слично сценарио е и Јуп Хајнкес, актуелниот шеф на стручниот штаб на Бајерн, кој до лани седеше на клупата на Бајер од Леверкузен. Дуелот е од извонредно значење за обата тима. Бајерн само со победа ќе го одржи чекорот со Дортмунд на врвот на табелата, каде веќе заостанува 4 бода. На Леверкузен му се неопходни бодови за фаќање приклучок со врвот.

Werder Bremen Deutscher Meister 1993 Otto Rehhagel
Ото Рехагел се закити со титулата со Вердер во 1993 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Третопласираната Борусија Менхенгладбах му гостува на Нирнберг, додека четвртопласираниот Шалке патува на теренот на „фенерџијата“ Фрајбург.

Бруно Лабадија со Штутгарт игра против својот поранешен тим Хамбург нагости, додека кругот на „повратниците“ го заокружува Ото Рехагел, кој со Херта го пречекува Вердер. Новиот тренер на берлинскиот тим имаше неуспешно деби против Аугсбург, па сега ќе се обиде да се извади во дуелот против тимот од Бремен кој го водеше полни 16 години.

Во останатите дуели се среќаваат: Кајзерслаутерн-Волфсбург, Хановер- Аугсбург и Хофенхајм-Келн (недела).

Автор: БГ/дв

Редактор: Симе Недевски