1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Честитики од Германија

4 ноември 2004

Американците избраа нов претседател: Џорџ Буш. По неизвесната битка, демократскиот кандидат Џон Кери вчера го призна неуспехот на изборите. “Ќе ја продолжиме нашата добра и тесна соработка што е во интерес како на САД, така и во наш, а тоа е и во европски интерес“, изјави германскиот канцелар Герхард Шредер, честитајќи му ја победата на Џорџ Буш.

https://p.dw.com/p/AcK7

Многумина политичари од владата и опозицијата изразија надеж дека во вториот мандат Буш потесно ќе соработува со Германија. Претседателката на ЦДУ Ангела Меркел:

“Посакувам односите меѓу САД и Европа во наредните години во секој случај да бидат подобри. ЦДУ се залага за добри трансатлантски односи и се надевам дека секоја од страните ќе придонесе за тоа“.

Новата изборна победа на Буш нуди шанса за нов почеток, смета Карстен Фогт кој во германската влада ги координира германско-американските односи:

“Тие мораат не само да соработуваат, туку и можат, зашто заедничките вредности и интереси се исклучително големи. Верувам дека е во интерес на обете држави Европа и САД и покрај различните ставови за одделни прашања, заеднички да влијаат што ќе ја олесни стабилизацијата во светот“.

Во меѓувреме Буш го прифати германскиот став во однос на војната во Ирак и знае дека сојузната влада нема да испрати војници во Ирак. Ова се проценува како предност, вели надворешно-политичкиот експерт на СПД Ханс Улрих Клозе:

“Големата предност е во тоа што се знае со што се располага. Нема да се појави временски вакум, туку има континуитет. На нов претседател би му требале шест-седум месеци да формира нова влада. Недостигот е во тоа што Буш не сака да дејствува мултилатерално, туку сам и да решава“.

Шефот на германските либерали Гидо Вестервеле со следнава оценка:

“Дали изборниот резултат на мнозинството Европејци им се одпаѓа или не, Американците така решија и сега мораме подобро да се прилагодиме кон претседателот Буш. Подобро од досега. Тоа е и во наш национален интерес“.