Честа промена на влади не овозможува градење доверба
17 април 2008Парламентарниот државен секретар во Сојузното министерство за стопанство Хартмут Шауерте вели: „Постојаната промена на влади секако е и знак за нестабилност. Не може да се изгради доволно доверба, а стопанските врски секогаш се во меѓузависност и со личните врски. И, ако владите се менуваат премногу често и за никого не се знае колку долго ќе остане, тогаш се разбира, и мрежата на лични врски е многу кревка“.
Германското стопанство, посебно претпријатијата од средниот сталеж, се заинтересирани за поблиски економски врски со Македонија. Но, во споредба со соседните земји, кои се наоѓаат во трансформација, Македонија е соочена со многу проблеми. Ханс Калб, од консултантската фирма Фихтнер, која дејствува глобално, укажува: „Ако Македонија се спореди со земјите-членки на ЕУ, како Романија и Бугарија, и со кандидатот за пристап Хрватска, тогаш таа мора да се рангира во задните редови. Тоа се однесува на постапувањето на управата, донесувањето решенија, како и на корупцијата“.