1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Черкезите си ги бараат правата во Русија

М. Реер/Б. Георгиевски22 февруари 2014

Во Русија денес живеат уште околу 700 илјади Черкези, повеќето во регионот на Сочи каде деновиве се одржуваат Олимписките игри. Тие сметаат дека Русија треба да го прекине молкот за нивните убиени и протерани предци

https://p.dw.com/p/1B90T
Фотографија: Isa Aksoylu

Ноќ на фолклорот во едно село во рускиот Кавказ. Но, за Аслан Гвашев, кој е модератор на програмата, таа е нешто повеќе. За него е ова борба против заборавот. Тој вели дека мнозинството Руси денес не знаат ништо за крвавите војни кои ги воделе царевите против неговите предци. Олимписките игри во Сочи се можност за присетување.

„Овие Олимписки игри се одржуваат на место кое за нашиот народ е многу важно и трагично, и да се одржуваат тие игри во Сочи, а да не се говори за тие нешта не в ред“, вели Аслан Гвашев, кој е поранешен учител во Болшој Кичмај.

Во Русија денес живеат уште околу 700 илјади Черкези. Кога Руското царство го освојувало Кавказот, против нивните предци биле водени крвави борби. Во регионот каде денес се одржуваат Олимписките игри, во последната битка пред 150 години загинале илјадници Черкези.

Мнозинството преживеани биле протерани преку Црното Море сѐ до Турција.

Мурат Биршев, Черкез кој денес живее во Сочи, вели дека станува збор за генодиц, а од Русија бара тоа и да го признае.

Како и бројни негови истомисленици, руските власти често го повикуваат на ткн. превентивни разговори.

„Сакаме нам и на нашите места да ни се искаже почит. Тука се наоѓаат бројни гробници. Сакавме во изградбата на олимписката инфраструктура да учествуваат повеќе археолози. Секако, сега е предоцна за тоа“.

Черкезите важат за еден од најстарите народи во Европа, кои живееле на Кавказот уште од почетоците на новата ера. Денес се раселени низ целиот свет. За нивната трагедија нема место во официјалните руски записи. И покрај долготрајните обиди за нивна асимилација, припадниците на кавкаскиот народ до денес важат за опасни и одбивни.

„Во 19. век речиси целосно физички исчезнаа. Сега им се заканува исчезнување од европската свест, а тоа, би рекол, е уште полошо. Треба нешто да се превземе против тоа. Треба да се стори нешто за да се потсети на нив, за да ги сочуваат својата култура и јазик. А тоа е многу тешко бидејќи сега живеат насекаде“, објаснува писателот Манфред Квиринг.

Traditionelle Männerkleidung der Tscherkessen
Традиционални Черкески носииФотографија: Irina Filatova

И Аслан Гвашев негуваше големи надежи дека Олимписките игри ќе им донесат нешто добро на Черкезите. Но, сега стравува дека черкеската трагедија ќе биде само фолклорен елемент во олимписката програма.

„Олимписките игри се одржуваат на место кое во 19. век имаше многу негативна аура, но во меѓувреме минаа 150 години. Со Олимписките игри можеше да се стави крај на тоа. Тие можеа да бидат симбол на мирот и помирувањето“.

Слично како и Аслан Гвашев и многу други Черкези се разочарани. Не бараат отштета и не се закануваат со насилство како некои други кавкаски народи. Но, сметаат дека Русија треба да го прекине молкот за нивните убиени и протерани предци. Черкезите се горди на своето минато.