Челзи и Ливерпул во иста група, изгледни шанси за германските тимови во Лигата на шампионите
26 август 2005Баерн го избегна Челзи, но и годинава го доби А-групата Јувентус од Торино, од кого лани на два пати беше совладан со по 1 спрема 0. Тука се уште и австрискиот Рапид од Виена и белгискиот тим Бриж. Баерн во првото коло му гостува на Рапид.
Во Б-групата фаворит е англискиот претставник Арсенал, а противници ќе му бидат Ајакс Амстердам, Спарта Прага и Тун.
Вердер од Бремен се најде во Ц-групата, во која апсолутен фаворит е Барселона. Германскиот претставник има убави шанси да се најде пред Панатинаикос Атина и Удинезе од Удине, што си го постави како цел во оваа сезона. Вердер во првиот натпревар на 14-ти септември ја пречекува Барселона.
Најзвучно име во Д-групата е Манчестер Јунајтед, а тука се уште и некогаш славната Бенфика од Лисабон, потоа францускиот тим Лил и шпанскиот претставник Вилјареал.
Шалке се најде во Е-групата. Апсолутен фаворит е финалистот од минатата Лига на шампионите Милан, а на тимот од Гелзенкирхен му претстојат тешки дуели со холандскиот тим ПСВ Ајндховен и турскиот претставник Фенербахче од Истанбул, предводен од контроверзниот германски тренер Кристоф Даум. Но, Шалке има убави спомени од Милано: во 1997-ма година таму го постигна својот најголем успех со освојувањето на Купот на УЕФА. Шалке на 13-ти септември ќе гостува во Ајндховен.
Реал Мадрид не би требало да има поголеми проблеми со норвешкиот тим Розенборг од Трондхајм, Олимпијакос од Пиреја и Олимпик Лион во Ф-групата.
Жрепката сакаше во Г-групата да се најдат европскиот првак Ливерпул и Челзи од Лондон, кого лани го елиминира во полуфиналето. Белгискиот Андерлехт и шпанскиот тим Бетис од Севилја се во втор план.
Конечно, во Х-групата Интер од Милано и Порто се фаворити, Глазгов Ренџерс и Артмедиа од Братислава аутсајдери.
На обложувалниците прв фаворит е Челзи со коефициент од 5 спрема 1. Лондонските букмејкери зад него ги рангираат Барселона со 6 спрема 1 и Милан со 7 спрема 1. Од германските тимови Баерн е осми фаворит со коефициент 14 спрема 1, на Шалке е типувано со 50 спрема 1, а на Вердер со 80 спрема 1. Како тотални аутсајдери букмејкерите ги оценуваат Рапид Виена, Артмедиа Братислава и Розенборг Трондхајм – доколку некој од нив стане европски првак, на вложувачот тоа би му донело 500 пати повеќе од вложената сума.
На свеченоста на извлекувањето во Монте Карло, европската фудбалска унија – УЕФА му оддаде признание на Стивен Џерард од Ливерпул за најкорисен играч во минатата сезона. Признанија добија и Петр Чех и Џон Тери од Челзи за најдобар голман и најдобар одбранбен играч. Кака од Милан е најдобар играч за врска, а најдобар напаѓач е Роналдињо од Барселона, инаку прогласен и за најдобар играч во светот.
И уште една информација од фудбалот: германскиот прволигаш Мајнц се пласира за Купот на УЕФА, откако и во реванш средбата го совлада победникот на Купот на Исланд Кефлавик со истиот резултат како и во првиот дуел – 2 спрема 0. Противниците на Мајнц, Баер Леверкузен, Херта Берлин, Штутгарт и Хамбургер во првото коло на Купот на УЕФА ќе бидат познати по денешното извлекување.