1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чевлар, филозоф и имам

22 август 2010

Бернд-Дитер Волф е чевлар од Линебург. Пред 20 години му пристапи на суфискиот ред, мистична заедница во исламот. Во меѓувреме тој се вика Ибрахим и работи како имам во ханзеатското гратче.

https://p.dw.com/p/OpT0
Проповедите во Линебург се на германски јазикФотографија: DW / Ayari

Бернд-Дитер веќе 40 години работи како чевлар и своите муштерии ги познава скоро исто како и чевлите кои ги поправа: „Ние не сме сервис за брза поправка, тука често се воспоставува контакт, па потоа знам каква поправка е потребна, што може да се направи, дали имаме одврзани раце да работиме коректно.“

66-годишниот Ибрахим делува смирено и задоволно кога раскажува како од немотивиран христијанин станал пасиониран муслиман: „За мене исламот беше сеопфатен, поради мудреците и светците. Тие ја имаат силата да инспирираат, знаат да го коригираат и регулираат моето срце.“

Мистичниот суфиски ред во исламот

Sufi Gemeinde in der Eifel
По петочната молитва суфиите често јадат заедноФотографија: DW / Ayari

Бернд-Дитер Волф алијас Ибрахим и во неговата чевларска работилница е препознатлив како муслиман, со куса, побелена коса и брада, а често носи и капче за молитви. Тој е суфија, приврзаник на мистичниот верски ред во исламот, и имам на оваа мала заедница во Линебург, која се состои скоро само од конвертити. Негова најважна задача е петочната молитва, која се одржува во неговиот дом. Ибрахим никогаш не одел во училиште за изучување на коранот, туку духовниот водач на неговиот ред, Шеик Насим кој живее на Кипар, го назначил за проповедник.

По петочната молитва верниците јадат заедно. Сопругата на Ибрахим, Сара скоро секогаш готви. Пред околу 30 години таа конвертираше во ислам, за своите искуства вели: „Религијата повторно ја почувствував со првото дете, Михаел. Тој беше сосема дефинирана индивидуа и кога се интересираше за животните прашања не можев да одговорам: не тоа не постои. Тоа врати голем дел од вербата.“ Сега 32-годишниот Михаел има три деца, и исто така е муслиман.

Замена на овоземското со духовното

Sufi Gemeinde in der Eifel
Суфијата е внатрешна, духовна работа, приближување кон БогаФотографија: DW / Ayari

Ибрахим и неговата сопруга беа првите суфии во Линебург. Денес заедницата на Ибрахим брои околу 40 жени и мажи од различни сталежи. Една од жените истакнува: „За Рамазан одев во турската џамија... Проповедите се на турски и не разбирав ниту збор. Кај него разбирам се‘. Тоа е голема и одлучувачка разлика. Затоа радо доаѓаме. Добро е и тоа што се проповеда на германски јазик.“

На Бернд-Дитер Волф му е важно да го најде патот до себеси, при работата како чевлар, но и како духовен водач на неговата мала суфиска заедница: „Суфија е внатрешна, духовна работа, која бара едноставност. Да се откажеш од светот, да оставиш се‘ за духовно да се збогатиш, тоа значи духовно патување, замена на овоземското со духовното. Тоа е сознанието за приближување кон Бога. Тоа е духовниот пат на суфијата.“

Автор: Адама Улрих / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска