1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цути копирањето во Кина

29 мај 2006

Првата посета на германскиот канцелар Ангела Меркел на Кина заврши. Во разговоирите со кинеското раководство се разбира, не стана збор само за политиката, туку и за економските односи. Кина за Германија не е само важен трговски партнер каде што голем број германски фирми го префрлија своето производство.

https://p.dw.com/p/AeLk
Фотографија: APTN

Еден од проблемите што им задава големи главоболки е повредата на сопственоста. Не се копираат само марки, стоки или машини, туку ниту идеите не се сигурни од кинеското копирање:

Лу Јианвеј со неверување држи во рацете книга за германскиот канцелар Меркел. Тој работи во издаваштвото „Голдштат„ во Пекинг. На пазарот ја објави првата биографија за Меркел на кинески јазик. Пред десетина дена се појави и втората. Тој е нервозен. Авторот, сигурен е, препишал големи делови:

„Втората книга се потпира врз нашата и едноствано се преземени некои од содржините од нашата. Без никаква дозвола„.

Тоа е секојдневје во Кина. Оваа земја е светски првак во повредување на правата на интелектуална сопственост. Се[J1] се копира: почнувајќи од машини во градежништвото до вијагра апчиња, книги, часовници, чевли и облека.

Само во Пекинг во секој дел од градот има најмалку една стоковна куќа специјализирана за продажба на фалсификувани производи. Ја Хсио е една од нив. Во една четирикатница се наоѓа рај за фетишистите по марки кои не можат да си дозволат оригинал. Кошули Бос можат да се купат за 5 евра, килоти „Калвин Клајн„ за 2 евра, Шанел костим за 20.

„Мислам дека е добро што постојат фалсификувани производи. Кога не би ги имало овде, купувањето ќе загуби во привлечноста. Можеш да останеш дома и да гледаш телевизија„, смета еден продавач. Меѓутоа, Кина е изложена на жестоки критики поради повредите на правата на сопственост. Постои закон за заштита на интелектуалната сопственост и постојано во рации се конфискуваат фалсификувани производи, но малите казни не ги заплашуваат фалсификатарите. Еден кинески синџир за производство на облека што фалсификуваше позната француска марка беше казнет со околу 10 илјади евра, што е капка во океан. Кога станува збор за компјутерски софтвер, она што се купува во Кина е 90 проценти пиратска копија:

За колку-толку да им излезе во пресрет на критиките од странство, во една голема стоковна куќа беше закачен 10 метри голем плакат:„Ние сме против пиратеријата„. Но, плакатот е само фасада, вели германскиот аматер-фотограф Холгер кој таму купува:

„Јас купив програма за обработка на дигитални фотографии кој нормално чини неколку стотини евра. Овде го платив 5. Требаше да бидам поскептичен. Зашто кога го инсталирав видов дека е полн со вируси. Во иднина нема да го купува пиратски производи„.

Но, се додека кинеската влада ги затвора обете очи пред пиратските производи, во стоковните куќи од таков вид ќе има се, се смее купецот Ванг и си купува фалсификуван џинс од марката „Дизел„:

„Знам дека се кршат законите, но луѓето ја сакаат оваа стока. Интелектуалната сопственост во Кина слабо се штити. Знам дека не е добро да се купуваат фалсификувани производи, но што да кажам. Сепак така се облекувам„.