Црногорците на протест против зголемените цени за електрична енергија
21 јануари 2012Организаторите на протестот, Унијата на слободните синдикати и невладината организација Мрежа, соопштија дека протестот се организира поради зголемувањето на цената на електричната енергија, која за домаќинствата од почетокот на годинава е повисока за седум проценти.
Јавноста притиска да се повлече одлуката за зголемување на цената на струјата, а црногорската влада вчера (20.01.) соопшти дека нема влијание на Регулаторната агенција за енергетика.
На седница на социјалниот совет беше оценето дека зголемувањето на цената на електричната енергија од седум проценти не би требало да влијае на растот на цените на основните животни намирници. Според претходните пресметки на црногорската влада, сметките за струја би требало да бидат повисоки за само две евра.
Претставникот на Унијата на слободни синдикати Срџан Кековиќ соопшти дека протестот нема политичка конотација и дека се однесува исклучиво на зголемувањето на цената на електричната енергија.
Автор: Александар Методијев /бета/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска