Црна Гора почнува преговори со ЕУ
26 јуни 2012Шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија дадоа зелено светло за почетокот на преговорите за придружување на Црна Гора кон Унијата. „Советот ја усвои оценката на Комисијата дека Црна Гора постигнала неопходен степен на усогласеност со критериумите за членство“, се вели во заклучоци на Министерскиот совет на ЕУ. Во заклучокот од денешниот Министерски совет во Луксембург Црна Гора се повикува и да ги засили напорите во борбата против организираниот криминал и корупција.
Министрите ја овластиле европската полициска служба, Европол, да изготви извештај за организираниот криминал во Црна Гора, кој ќе биде вметнат во материјалите на Комисијата додека трае процесот на мониторинг.
Црна Гора преговорите на 29-ти јуни ќе ги започне со отворањето на поглавјето кое се однесува на владеењето на законите и основните човекови права.
Комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, на својот твитер профил ја поздрави одлуката на Министерскиот совет.