1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски: Пристапниот дијалог корисен, но само ако има резултати

СН/макфакс22 јуни 2012

Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ Бранко Црвенковски смета дека владата пред домашната јавност го злоупотребува пристапниот дијалог меѓу Македонија и ЕУ.

https://p.dw.com/p/15JwL
Фотографија: Agentur MIA

Пристапниот дијалог на високо ниво на Македонија со Европската унија е корисна алатка за приближување на земјата кон Брисел, но само доколку има резултати во реформската агенда на земјата, а не како што е сега случај да биде злоупотребен од владата пред домашната јавност.

Ова претседателот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски го порачал на средбата со Овен Џенкинс, директор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Велика Британија.

Џенкинс, како што соопштуваат од СДСМ, ја потенцирал традицијата на долго пријателство меѓу Велика Британија и Mакедонија. На средбата рекол дека неговата земја е еден од најголемите поддржувачи на евро-атлантските интеграции на Македонија на меѓународната сцена.

На средбата, велат од СДСМ, се разговарало за внатрешната состојба во Македонија, проблемите со кои таа се соочува во одредени области, како и блокадата на земјата во однос на евро-атлантските интеграции.

Црвенковски оценил дека Македонија бележи назадување во однос на демократските процеси, владеењето на правото, слободата на медиумите, слободата на изразување и јавната администрација. Лидерот на СДСМ потенцирал дека економската ситуација во земјата е влошена како резултат на, како што се вели, лошото менаџирање на буџетот од страна на владата и огромните суми пари потрошени на непродуктивни инвестиции.