1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски поголем оптимист за НАТО од Месиќ

Александар Чомовски24 октомври 2006

Хрватскиот претседател, Стипе Месиќ, е во посета на Македонија.

https://p.dw.com/p/AdbY
Стипе Месиќ
Стипе МесиќФотографија: dpa

Хрватска и Македонија со кандидатски статус за членство во ЕУ и можно членство во НАТО, сепак имаат различни стартни позиции и шанси. Официјален Загреб е со јасна поддршка од Вашингтон, особено по средбата Буш – Санадер. Властите во Скопје очекуваат дека хрватската локомотива би можела да го повлече и македонскиот вагон, или барем тој да не остане на слеп колосек. Затоа хрватско-македонските односи денеска во Скопје ги анализираа еден од последните функционери во југо-федерацијата, Стипе Месиќ и тогаш младиот и штотуку влезен во македонската политика, Бранко Црвенковски, денеска и двајцата во улога на претседатели на самостојни држави. Ветеранот Месиќ не пропушти да ги потенцира добрите страни од 40 годишната соработка меѓу Македонија и Хрватска во југо-федерацијата:

“Македонската страна говореше на македонски, хрватската страна говореше на хрватски, но одлично се разбравме. “

Месиќ и Црвенковски потпишаа заедничка изјава каде последни точки се меѓусебните поддршки за НАТО и ЕУ. Хрватскиот претседател одбегна да ги постави интересите за НАТО и ЕУ со заеднички влез. Тој за регионот говореше со општа фраза:

“Освен што нашите добри односи се вредност сама по себе, тие се значајни и за квалитетот на политичките односи во поширокиот регион“.

Македонскиот претседател, Црвенковски, е далеку поголем оптимист за членството во НАТО од неговиот колега Месиќ:

“Сосема е извесно дека Вашингтон стои на позициите дека следниот круг на проширување на алијансата ќе се случи во 2008 година. Тоа е она што и ние го посакуваме. Причина е што Хрватска, заедно со Македонија и Албанија припаѓа на Јадранската група. Да се потсетиме дека Јадранската повелба беше спонзорирана токму од САД. “

Гостинот од Загреб, Стипе Месиќ, говореше во македонскиот парламент. Таква шанса не му беше дадена на екс-македонскиот претседател Борис Трајковски пред три години, иако тој самиот побарал да говори пред хрватскиот Сабор.