1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас во Берлин: Мора да се разговара, нели?

Панајотис Купаранис / Елизабета М. Фиданоска15 јануари 2013

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле од Грција бара да ја спроведува програмата за штедење, додека лидерот на опозицијата, левичарот Алексис Ципрас, токму во тоа ги гледа причините за траењето на кризата.

https://p.dw.com/p/17K4p
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Лидерот на грчката опозиција Алексис Ципрас политичарите во својата земја кои се залагаат за остри кратења на буџетот милува да ги нарекува „меркелисти“. Ципрас е убеден дека Грција не може да се справи со своите економски проблеми поради финансиско-политичкиот курс на германската канцеларка. Тој предупредува дека ваквиот курс може да води во европска рецесија.

Ангела Меркел и членовите на германската влада пак, во изминатата година презедоа некои работи за да се спречи победа на Ципрас на парламентарните избори во Грција. Меѓународната поддршка за конзервативната Неа Демократија придонесе за нејзина тесна победа. Сега се‘ повеќе притиска прашањето - дали коалицијата предводена од оваа партија ќе ги преживее политички наредните месеци. Годинава уште повеќе од лани ќе се почувствуваат последиците од мерките за штедење. Само невработеноста се очекува да порасне на над 30 проценти. Освен тоа, се‘ повеќе на виделина излегуваат нови корупциски случаи, кои го погаѓаат пред се‘ коалицискиот партнер ПАСОК.

СИРИЗА-влада е замислива

Се чини, влада која би ја предводел левичарскиот сојуз СИРИЗА веќе не може да се избегне. Но, политиката на сојузот за многумина во ЕУ е екстремна. Ципрас сака да е подготвен во случај СИРИЗА да ја предводи наскоро грчката влада. „Мора да видиме дали постои основа за преговори“, изјави лидерот на грчката опозиција за Дојче Веле пред средбата со Волфганг Шојбле. „Ќе се обидам да ги убедам моите партнери за разговори и германската влада дека е потребна промена на политиката за да се зачува еврозоната и, се разбира, и Грција во неа.“

Alexis Tsipras Vorsitzender Oppositionspartei SYRIZA in Berlin
Алексис ЦипрасФотографија: picture-alliance/dpa

За грчката влада да не се најде „во небрано“, Шојбле претходно во Атина праша дали владата има задршки против ваква средба. Задршки немаше. Сепак, левичарскиот социјалист Ципрас понекогаш е споредуван и со венецуелскиот претседател Чавез, па критичарите прашуваа дали прием на Ципрас можеби не би му дало преголемо значење. Заменикот портпарол на грчката влада Георг Штрајтер се спротивстави со зборовите дека за германскиот министер за финансии тоа не е аспект од кој се третираат работите, туку тој едноставно сака „да се преземе секаков можен обид за поддршка на грчката реформска програма“. Според Штрајтер „притоа се разговара понекогаш и со луѓе во коишто се нема преголема надеж, но се има барем малку надеж“.

Средбата не беше бескорисна

По средбата со Шојбле, која наместо половина час, траеше цел час, Ципрас оцени дека таа била „корисна“, „пријателска“ и „добар почеток“. Сепак, погледите на нештата остануваат непроменети. „Мерките за штедење пропаднаа во цела Европа, собено во Грција. Сега мора да се справуваме со последиците од ваквата политика, осиромашувањето, невработеноста и зајакнувањето на фашизмот“, рече Ципрас.

Schäuble Haushalt 2013 Debatte im Bundestag
Волфганг ШојблеФотографија: picture-alliance/dpa

Од германското министерство за финансии се вели дека Шојбле на разговорот со Ципрас го изразил своето признание за „големите“ реформски напори во Грција. Тој нагласил дека тие се неопходни за земјата да може да остане во еврозоната. Затоа реформската програма мора да биде поддржана од сите политички сили.

Тешко дека може да се очекува овој апел да донесе плодови, но Алексис Ципрас барем од прва рака дозна што мисли германската влада за грчкото прашање. А Волфганг Шојбле ќе може подобро да го процени евентуалниот левичарски грчки премиер. Оттука, средбата не беше бескорисна.