1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените на горивата и натаму на рекордно ниво

СН/вен/хп/ртр/дпа/дапд22 август 2012

Цените на бензинот во Германија повторно достигнаа највисоко ниво. И додека автомото сојузот АДАЦ говори за ценовна измама, браншата се правда со континуираниот раст на цената на суровата нафта и со слабото евро.

https://p.dw.com/p/15u5A
Фотографија: picture-alliance/dpa

Цените на горивата во Германија и натаму достигнуваат рекордни нивоа. На бензинските пумпи во големите германски градови возачите во текот на вчерашниот (21.08) ден, според АДАЦ, морале во просек за еден литар гориво да платат повеќе од 1,70 евра. Во Брауншвајг и Манхајм еден литар бензин од типот супер Е10 чинел најскапо - 1,732 евра. Бензиниот од типот Супер Е5 кој бил полнет петпати повеќе, чинел околу 4 центи поскапо. За дизел пак, возачите во седум, од вкупно 20 анкетирани градови, морале да платат највисока просечна цена од 1,579 евра за литар.

Како и многупати досега во време на одморите, оваа тема разгорува и политичка дискусија. Додека политичарите и авто-мото сојузите ги обвинуваат нафтените концерни за ценовни измами и за меѓусебно договарање на цените, претставниците на браншата упатуваат на високите цени на суровата нафта, на слабото евро и на високата побарувачка.

Причина за ваквиот развој на цените не се годишните одмори во Германија, туку растечките цени на пазарите на нафта, изјави портпаролот на Сојузот на нафтеното стопанство, Александар Герсдорф. Цената на суровата нафта од крајот на јуни е порасната за 25 проценти, а цената на бензините, наспроти тоа, за десет проценти.

„Простор за пад“

Tankstelle Zapfpistole
Фотографија: dapd

Автомото сојузот АДАЦ се спротивставува на тоа. Иако високата цена на суровата нафта и слабото евро се вистинските аргументи за, во моментов, високите цени на горивата, сепак цената е јасно пренадуена, изјави портпарол на АДАЦ, според кого - има простор за намалување на цените. Тој истакна дека повторно се случува вообичаената практика - возачите за време на годишните одмори да мораат да плаќаат повисоки цени за горивата.

„Нема ценовна измама. Во Германија, пред оданочувањето, имаме речиси најниски цени во цела Европа. Тоа значи дека тука конкуренцијата е силна“, гласеше контрааргументот на Генералниот директорот на Здружението на нафтеното стопанство, Клаус Пикард. Браншата, покрај тоа, упатува и на повисоката побарувачка за горива за време на годишните одмори. Од гледна точка на големите концерни „Арал“, „Шел“ или „Есо“, бројните промени на цените, некогаш повеќепати во денот, покажуваат дека функционира и острата конкуренција меѓу понудувачите.

Освен тоа, цените на суровата нафта достигнаа највисоко ниво во последните три месеци. Трговците како причина го наведоа најновото заострувањето на состојбата на Блискиот Исток, откако САД за првпат и‘ се заканија на Сирија со воен напад.