1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цената на војната - 10 години од падот на Садам

Кристина Бергман / Елизабета М. Фиданоска9 април 2013

Кога Ирачаните и американските војници пред 10 години ја соборија статуата на Садам Хусеин во Багдад, никој не претпоставуваше колку долго ќе трае војната и какви последици таа ќе има.

https://p.dw.com/p/18C7n
Фотографија: AP

„Многу Ирачани првпат имаат можност слободно да го изразат мислењето и да можат слободно да се организираат политички“, рече американскиот министер за надворешни работи Џон Кери за време на неговата неодамнешна посета на Ирак. „Сепак, би било погрешно да се премолчи дека има уште многу да се направи“, додаде Кери.

Десет години по падот на ирачкиот диктатор Садам Хусеин ниту состојбата во Ирак ниту американско-ирачките односи се онакви какви што си ги замислуваа архитектите на војната во 2003 година. Слаби институции, насилство, повреди на човековите права и зајакнување на терористичката мрежа Ал Каеда - сето тоа му дава печат на денешен Ирак, во кој Американците речиси и немаат влијание. Американската влада, претходната и сегашната, се виновни за тоа, велат критичарите.

US-Außenminister John Kerry mit irakischem Premierminister al Maliki
Џон Кери: Би било погрешно да се премолчи дека треба да се направи уште многу (на фотографијата десно)Фотографија: Reuters

Американците дадоа лош пример во политиката за човековите права, критикува Ерин Еверс од Хјуман Рајтс Воч. Понижувачкиот третман на ирачки затвореници во затворот Абу Гариб е само еден пример за тоа. „Пред 2002/2003 година имавме извесна веродостојност во светот во сферата на човековите права“, вели Еверс, додавајќи дека сега работите се променети и дека на американската влада и‘ е тешко да ги критикува повредите на човековите права во Ирак. „И во мандатот на Обама нема подобрување“, нагласува Еверс, дополнувајќи: „Тој во 2009 година донесе одлука да не повикува на одговорност повисоки по чин офицери за случајот Абу Гариб, што беше голема грешка“.

Преговорите за трупите пропаднаа

Во моментов, во официјална мисија во Ирак се уште само 10.500 Американци, и тоа дипломатски персонал и соработници на приватни фирми кои се задолжени за безбедност, снабдување и други видови административна поддршка. На крајот на годината тој број ќе се намали на 5.100, од што една петтина ќе бидат дипломати. Војници, кои се задолжени за безбедност, во Ирак нема уште од крајот на 2011 година. Преговорите за договор за трупите пропаднаа поради прашањето на имунитетот на американските војници. Виновна за тоа е владата на Обама, оценува професорот Питер Фивер од универзитетот Дјук. „Премиерот Малики беше подготвен да гарантира имунитет, но американскиот адвокат настојуваше тоа да биде потврдено и од страна на парламентот.“ Ирачаните не веруваа дека тоа ќе може да помине и на крајот преговорите пропаднаа.

10 Jahre nach dem Irakkrieg
Договорот со Ирак за американските трупи пропадна поради прашањето на гаранциитеФотографија: picture-alliance/Fotoreport

Безбедносната состојба во Ирак е лоша. Постојано има терористички напади со жртви. Особено е тензично сега, пред изборите во 18 од 20 провинции, кои треба да се одржат на 20. април. Самиот пад на Садам Хусеин не ја подобри положбата на луѓето, вели Еверс. „Луѓето велат - да, во времето на Садам беше страшно, но имаше само еден непријател и ако се држиш подалеку од политиката можеше да водиш полунормален живот.“ Сега пак, состојбата е многу понепрегледна.

Џим Филипс од конзервативната фондација Херитиџ се спротивставува на ваквото гледање на работите. „Ако САД не интервенираа пред 10 години и Садам Хусеин се‘ уште беше на власт, тогаш ќе беше многу веројатно дека во последните години ќе беа убиени уште поголем број луѓе и дека ќе имаше можеби уште една војна.“

Anschlag Bagdad Irak
Во Ирак постојано има терористички нападиФотографија: imago/Xinhua

Во проценките на ирачката војна Американците се исто толку поделени колку и експертите. Според истражување на јавното мислење на институтот Пју, 44% велат дека не требало да се почнува војна, а 41% сметаат дека одлуката била исправна. И додека 46% од Американците се на мислење дека САД главно ги исполниле своите цели, 43% велат дека Американците помалку или повеќе не успеале.